Камбаната на „Свети Атанасија“, во историското село Црвена Вода, в недела, на Денот на екологијата, во пет до дванаесет часот, ќе го означи почетокот на еколошкиот бунт на жителите од општината Дебрца, но и од други градови во земјата. Бунтот е мотивиран од владината намера за изградба на регионална депонија на територијата на оваа општина, кај селото Годивје, на неколку стотини метри од новиот автопат во изградба, Кичево – Охрид.

Звукот на камбаната, слично, како и во 1941-та, ќе го преземат и ќе го продолжат црквите во сите други села, со што ќе почне второто, овој пат еколошко сенародно востание! Веднаш потоа, по селото Ботун, влезот во првоослободената територија за време на антифашистичката војна пред седум и пол децении, ќе биде запрен сообраќајот на автопатот Охрид – Скопје, откај кичевската страна и кај Ново Село и така ќе биде цели два часа, сѐ додека трае големиот протест. Обезбеден е широк простор, на кој ќе можат да се паркираат до илјада лесни возила, додека автобусите на „Пупе компани“ и на „Омега“, ќе бидат во постојано вртење до Охрид и назад.

Интересот за протестот е огромен, а организаторите се Сојузот на ветераните за Охрид и Дебрца, локалниот Сојуз на борците и поддржувачи и општинската организација на Партијата на пензионерите. Координативното тело веќе излезе со јавен проглас (манифест!), а печатеше и плакати и помали летоци. „Дебрчани, сега е моментот. Дебрца чиста ја наследивме, чиста и ќе ја оставиме“, порачаа организаторите на протестот, кои во повикот потсетуваат на убавините на овој регион, но и на значењето на Дебрца во градењето на државата тогаш кога било најтешко. Во подготовките на протестот е вклучена и локалната самоуправа од општината Дебрца, иако е раководена од градоначалник од редовите на СДСМ и со совет со мнозинство на истата партија.

Советот на општината Дебрца, претходно, едногласно ја отфрли одлуката за давање согласност за основање регионална депонија и потребната инфраструктура за југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија. Од советот се огласија дека се решени да истраат докрај во намерата Дебрца да остане еколошки чиста и заштитена средина, без можност за сквернавење на нејзината природна еко-рамнотежа. Советниците изгласаа заклучок во целост да ја почитуваат волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение. Од вкупно запишаните 4.625 граѓани во избирачкиот список, на референдум излегоа 3.149 граѓани, или 68 проценти. Од излезените граѓани против изградба на регионална депонија се изјасниле 2.746 или 87 проценти, додека за изградба се изјасниле 297 или 13 отсто од вкупно излезените граѓани.

Покрај референдумот, жителите на Дебрца го држат за збор и тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер, Зоран Заев, кој на предизборен митинг во Белчишта, седиштето на општината, јавно вети дека ќе се заложи да не се гради планираната депонија во Годивје. Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени четири локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува селото Годивје во општината Дебрца. В.М.