Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од вчера специјалистите по семејна медицина можат да ги трансформираат своите ординации по општа медицина во ординации по семејна медицина со што, според очекувањата на здравствените власти, здравствената заштита ќе им се доближи на пациентите, а лекарите ќе бидат помотивирани

Специјалистите по семејна медицина од вчера можат да почнат постапка за трансформација на своите ординации по општа медицина во ординации по семејна медицина. Со ова се финализира мерката за унапредување на примарната здравствена заштита што во февруари годинава ја презентира министерот за здравство Венко Филипче.

Ова решение, како што информираат од Министерството за здравство, е прифатено врз основа на анализите и препораките на Светската здравствена организација и во координација со стручните здруженија.

– Специјалистите по семејна медицина ќе може да нудат поголем број услуги од матичен лекар. Ова е само дел од унапредувањето на квалитетот на услугите во примарната здравствена заштита. На овој начин граѓаните ќе може здравствената заштита да ја добијат поблиску до местото на живеење – објасни министерот Филипче.

Мерката, како што истакнуваат од Министерството, била поздравена и од Здружението на лекарите по општа и семејна медицина бидејќи на овој начин примарната здравствена заштита во која работи специјализиран кадар може да придонесе за значителни здравствени заштеди.

Се очекува дека со навремено дијагностицирање и соодветен менаџмент на одредени состојби ќе дојде до растоварување на секундарното и на терцијарното ниво во здравствениот сектор. Освен тоа, на овој начин ќе се создадат услови клиничките специјалности да се посветат на покомплексни и потешки здравствени состојби и за поголема мотивираност на лекарите, кои ќе бидат посветени на својата специјалност, со што ќе се намали и одливот како на постојниот кадар така и на младите лекари.

– Специјализацијата и доедукацијата по семејна медицина како процеси се почнати во 2010 година. Во просек 30 лекари годишно стекнуваат звање специјалисти по семејна медицина. Со овие измени се оди чекор напред. Со препознавање на компетенциите се имплементира специјализацијата по семејна медицина во согласност со глобалната политика за постигнување стандарди за квалитет. Се препознаваат и се признаваат знаењето и вештините на специјалистите по семејна медицина, а со оваа одлука очекуваме да се зголеми интересот за специјализација и доедукација – смета Катерина Ковачевиќ, претседателка на Здружението на лекарите по општа и семејна медицина.

Од Министерството очекуваат целосното вреднување и искористување на компетенциите на семејните лекари да придонесе, пред сè, кон поголемо задоволство на пациентите преку обезбедување лична, континуирана, сеопфатна и финансиски одржлива здравствена заштита во контекст на семејството и општеството.
П.Р.