Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, и генералниот секретар Киро Трајковски остварија два одделни работни состаноци од кои еден со министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, и другиот со дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

Средбите биле иницирани од страна на Македонскиот полициски синдикат, а како причина од синдикатот ја навеле актуелната состојба во Министерството за внатрешни работи на секојдневно издавање наредби и решенија за работа од страна на министерот за внатрешни работи и нивно поништување од страна на Владата, со што, како што наведуваат од синдикатот, сите вработени во Министерството се доведени во една конфузна и збунувачка состојба, што им претставува сериозна пречка за нормално извршување на редовните работни задачи и реализација на правата од работен однос.

На Чулев и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска, им беше пренесен ставот на Македонскиот полициски синдикат дека највисоката цел на МПС е заштита на правата од работен однос на вработените, истовремено грижејќи се и за угледот на Министерството за внатрешни работи и интегритетот на полициските службеници.

– Како единствен репрезентативен синдикат во МВР и организација во која членуваат над 8.500 членови чувствуваме и морална одговорност да укажеме на овие состојби и потребата од нивно итно надминување. Од таа причина, а со цел итно надминување на актуелната состојба во Министерството ние како Македонски полициски синдикат предложивме во текот на утрешниот ден во наше присуство и наша медијација да се одржи состанок, за што искрено сме благодарни и на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, и на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска, за прифаќањето на нашата иницијатива – наведуваат од синдикатот.

Оттука се надеваат дека на утрешниот состанок преку конструктивен дијалог ќе се надминат недоразбирањата и ќе се реши состојбата на општо задоволство и за доброто на сите вработени во Министерството за внатрешни работи.