Фото:

Повеќето земји-кандидатки за членство во Европската Унија, меѓу кои и Македонија, не ги исполниле зададените цели за намалување на емисијата на штетни честички од своите електроенергетски постројки на фосилни горива, иако тоа е дел од заедничката политика за стандардизирање на енергетскиот пазар, во согласност со правилата на Унијата.

Ова се посочува во извештајот на Енергетската заедница на Југоисточна Европа, која ја сочинуваат 19 држави-членки на ЕУ, Украина, Молдавија и државите од Западен Балкан. Во извештајот се наведува дека Македонија не го испочитувала планираното ограничување на емисиите на сулфур диоксид и прашина.

– Енергетската заедница нема време за губење и мора да ги следи чекорите на ЕУ поврзани со исполнувањето на целите за енергетска ефикасност, обновлива енергија и намалување на емисијата на стакленички гасови до 2030 година – изјави Јанез Копач, директор на секретаријатот на Европската енергетска заедница.

Од земјите од регионот, Црна Гора остана лидер во спроведувањето на реформата во енергетиката, но Македонија првпат со реформските мерки што се оценети како „смели“ ја надмина Србија и го зазеде второто место.

Земјава ги има лоцирано предизвикувачите на загадувањето и веќе во Енергетска стратегија до 2040 година, која според министерот за економија Крешник Бектеши треба да биде усвоена до крајот на годинава, се препорачува намалување на нивоата на сулфур диоксид, азотни оксиди и на ПМ-честички кај поголемите загадувачи, особено кај ТЕ „Битола“.

– Ревидираниот национален план за намалување на емисиите ги пропишува горните нивоа на сулфур диоксид, азотни оксиди и ПМ-честички до 2027 година за девет постојни големи постројки за согорување со капацитет поголем од 50 MW номинален топлински влез. Документот предвидува инсталирање контролна опрема и филтри за намалување на нивоата на емисии на локалните загадувачи, што исто така е предвидено за ТЕ „Битола“ – се вели во нацрт-документот.

Според професорот Константин Димитров од МАЦЕФ, постојат неколку чекори преку кои може да се задоволи еколошкиот аспект и да се осигури сигурно снабдување со електрична енергија.

– Прв чекор е преку мерки за енергетска ефикасност да се намали потрошувачка на енергија, т.е. во далечната 2050 година да остане на денешно ниво. Потребната енергија да се произведе од обновливи извори на енергија, односно преку сончева енергија, максимално искористување на сите водени потенцијали (на реките Црна и Вардар), користење на енергијата на ветерот и изградба на когенеративни постројки што преку пиролиза на дрвото ќе произведуваат едновремено топлинска и електрична енергија, а издувните гасови нема воопшто да ја загадуваат околината. Постројките на природен гас би се вклучувале ретко, при некои врвни оптоварувања на системот, или при потреба од брзо балансирање на потрошувачката и производството – смета Димитров.