На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) се сместени четворица пациенти со сериозни повреди од сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци, а вчеравечер во Ургентниот центар бил префрлен уште еден пациент, кој претходно бил сместен на одделение во болницата „8 септември“. Девојката на која и беше ампутирана ногата, по две операции, е во тешка, критична состојба. Во тешка состојба е и уште еден пациент со торакална повреда, кој е во единицата за интензивна нега. Утрово на повредите добиени во сообраќајката им подлегна и 39-годишен маж.

За ова денеска информираа министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Ургентниот центар Илир Хасани.

Директорот Хасани изјави дека пациентот бил примен и опериран меѓу првите пациенти кои се донесени на клиниката, но поради сериозноста на повредата следниот ден бил повторно ревидиран, била направена хемостаза и обид да се спречи тешкото згмечување и крварење на белиот дроб. После интензивен конзервативен и оперативен третман на пациентот, денеска во утринските часови за жал пациентот им подлегнал на повредите.

– Во болницата „8 Септември“, на интензивна нега се сместени пет пациенти. Двајца и понатаму се на респираторна машина, состојбата во однос на вчерашниот ден не е променета и тројца кои не се на респираторна машина, но имаат тешки повреди и се во критична состојба, информираше Филипче.