СЕММ: „Нова Македонија“ целосно ги испочитувала етичките и професионалните стандарди во новинарството

Советот за етика при медиумите во Македонија (СЕММ) ја отфрли жалбата на ХЕРА како неоснована

Во согласност со законските одредби и во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби весникот „Нова Македонија“ се обврзува да ја објави одлуката на СЕММ

Весникот „Нова Македонија“ не отстапил од етичките и професионалните стандарди во новинарството, оцени Советот за етика при медиумите во Македонија (СЕММ), во однос на претставката што ја добил од здруженијата „ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација“ и „Заедно посилни“.

До СЕММ беше доставена претставка од здруженијата „ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација“ и „Заедно посилни“, преку која реагираа на натпис објавен во весникот во врска со состојбата со ХИВ-вирусот во Македонија, посочувајќи дека во текстот се објавени погрешни и сензационалистички информации, кои водат кон дезинформирање на јавноста.

Шестчлената Комисија за жалби при СЕММ на седницата одржана на 28 ноември 2019 година ги разгледа наводите на жалителот, како и текстот во весникот за кој беше поднесена претставката, по што утврди дека жалбата е неоснована и дека нема прекршување на Кодексот на новинарите.

Во продолжение го објавуваме интегрално образложението на одлуката на СЕММ.
– На седницата одржана на 28 ноември 2019 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина.
Комисијата најнапред утврди дека се работи за текст кој произлегува од јавниот интерес и кој пренесува извештај на Агенцијата за борба со сидата при Обединетите нации (УНАИДС) во врска со состојбата со новозаразени со ХИВ во Македонија.

Без да навлегува во стручно толкување на поимите новооткриени (новодијагностицирани) и новоинфицирани (новозаразени), на чие терминолошко мешање од страна на весникот реагира подносителот на претставката, Комисијата оцени дека „Нова Македонија“ не отстапила од етичките и професионални стандарди.
Членовите на Комисијата не се надлежни да ги утврдуваат фактите наведени во текстот и, според тоа, немаат право да констатираат евентуална морална одговорност кај медиумот.

Нивна надлежност е единствено да ги утврдуваат етичките и професионалните стандарди, кои „Нова Македонија“ во случајов ги има целосно испочитувано.
Весникот пренесува извештај на Светска организација, во чии рамки е земен став и од Институтот за јавно здравје, како и од самиот подносител на жалбата, ХЕРА. Со тоа, медиумот го испочитувал основното новинарско правило да обезбеди најмалку два меѓусебно неповрзани извора. Комисијата не препознава елементи кои упатуваат на сензационализам или свесно манипулирање и дезинформирање на јавноста.
Во исто време, Комисијата заклучи дека „Нова Македонија“ ја објавила и исправката, испратена до весникот од страна на подносителот на жалбата, ХЕРА, во разумна должина и во пристојна форма. На тој начин, медиумот ја заштитил моралната одговорност и својот интегритет.

Одлуката на Комисијата да ја отфрли жалбата како неоснована ја темели на фактот дека весникот „Нова Македонија“ ги испочитувал сите членови од Кодексот на новинарите, кои се во корелација со темата што ја обработува:

Член 1: „Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“

Член 3: „Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.“

Член 8: „Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.“

Во согласност со наведеното комисијата одлучи како што е погоре наведено – се вели во одлуката на СЕММ.