фото: Маја Јаневска-Илиева

Анка Тису и нејзиното семејство поминуваат низ долгогодишна голгота и борба со иституциите за остварување на пензиското право на Анка, апелирајќи нејзиниот случај да биде слушнат. Според кажувањето на Анка, која е лице со инвалидитет, таа ја прима семејна пензијата од нејзината мајка, но овластениот државен орган во Македонија не ја спроведува процедурата за повторување на постапката, од која зависи дали износот на семејната пензија ќе се зголеми.

Нејзината мајка, по потекло од Словенија, работела во Словенија каде што има стаж, но заради точно утврдување на работниот стаж од надлежните органи, неопходно е македонскиот овластен орган да ја достави целокупната документација до словенечкиот надлежен орган.

– Според процедурата, македонскиот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување треба да стапи во контакт со словенечкиот, но тоа не се случува веќе извесно време. Тие немаат слух за нашите проблеми. Целосното остварување на правото на пензија ми е неопходно за лекување, осигурување на станбеното прашање и подобрување на условите за живот и на благостостојбата на моето најблиско семејство – вели Анка Тису.

Семејството Тису посочува дека стапило во контакт со фондот во Словенија, од каде што ги информирале дека не контактираат со физички лица, па така, за да можат да ги остварат своите права, неопходно е да ѝ се обратат на службата во Македонија. Анка Тису и нејзиното семејство, како што велат, не можат да добијат точна информација од фондот во Словенија, сè додека македонскиот фонд не контактира со фондот во Словенија. Згора, во обидот да го оствари правото на пензија, Анка која е лице со инвалидитет, и која се бори со детска парализа од 9-годишна возраст, а попат е и срцев болесник, мора почесто да патува до Словенија заради нерасчистени правни прашања поврзани со нејзините предци.

Инвалидитетот и последиците од повеќето здравствени нарушувања со кои се соочува и денес се одразуваат на нејзиното здравје, а таа, без инвалидска количка не може самостојно да се движи и да ги извршува секојдневните обврски. Целосното остварување на правото на семејна пензија, која поради повисокиот стандард во Словенија, би значело повисока пензија од онаа која сега ја прима, а тоа би создало можност за регулирање на станбеното прашање на Анка и семејството, кои моментно живеат во изнајмен дом и во скромни услови. Како што ни кажаа од семејството, нивното сегашно живеалиште не е евидентирано никаде, а тука се создаваат дополнителни проблеми за нив, бидејќи не можат редовно да ја добијат својата пошта.

Поширокото семејство на Анка, заедно со нејзината ќерка, син и внука, исто така, веќе подолго време се обидува да го реши своето станбено прашање преку програмите на МТСП за социјално ранливи категории, меѓутоа и покрај сите пратени дописи, барања и обиди да се оствари правото за домување, постапката не е ниту отпочната. Тие велат дека од МТСП добиле одговор оти мораат да чекаат да се објави оглас, па потоа да аплицираат. Ќерката на Анка е мајка на малолетно девојче, кое е болно од астма, па важно е да ги оствари правата на својата мајка. Моментното место на живеење има влага и е излоирано, што придонесува за влошување на здравствените проблеми. Згора, наскоро ќе треба да се преселат затоа што сопственикот на куќата има други планови со земјиштето на нивното сегашно престојувалиште. Од тој момент, семејството на Анка ќе остане на улица и без надеж во блиска иднина да најде покрив над глава.

фото: Маја Јаневска-Илиева

Нова Македонија“ се обиде да стапи во контакт со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да добие информации за случајот, но без успех.

Семејството има ограничени средства и не е во можност да ангажира адвокат, но по долгите години борба со административните лавиринти и институциите кои не можат да им излезат во пресрет, цврсто е одлучно да побара правда пред судот за човекови права во Стразбур. С.Н.М.