фото: Маја Јаневска-Илиева

Народниот правобранител и Здружението на млади правници ја контактираа редакцијата на „Нова Македонија“, по објавувањето на статијата за случајот на семејството на Анка Тису, која се обидува да го оствари целосното право на пензија.

По средбата со член на семејството Тису, народниот правобранител се согласи да го разгледа случајот и во согласност со овластувањата и законите, да преземе соодветни чекори, откако ќе биде доставена потребната документација.

За потсетување, Анка Тису и нејзиното семејство поминуваат низ долгогодишна борба со иституциите за остварување на пензиското право на Анка, апелирајќи нејзиниот случај да биде слушнат. Според кажувањето на Анка, која е лице со инвалидитет, таа ја прима семејна пензијата од нејзината мајка, но овластениот државен орган во Македонија не ја спроведува процедурата за повторување на постапката, од која зависи дали износот на семејната пензија ќе се зголеми.

Нејзината мајка, по потекло од Словенија, работела во Словенија каде што има стаж, но заради точно утврдување на работниот стаж од надлежните органи, неопходно е македонскиот овластен орган да ја достави целокупната документација до словенечкиот надлежен орган.