Од 1926 година Нивици, село во Мала Преспа, Грција, носи ново наметнато (грчко) име (Псарадес), со значење „рибари“. Денес е најубавата туристичка населба на тој дел од Преспанско Езеро

Селото Нивици (Псарадес на грчки) влезе во македонската историја. Кај ова поранешно македонско, а сега грчко село, претседателите на владите Зоран Заев и Алексис Ципрас ја потпишаа спогодбата по која Република Македонија ќе го смени името во Северна Македонија и ќе го промени својот устав. Нивици се наоѓа во јужниот дел на Големо Преспанско Езеро, на источната страна од длабоко вовлечениот залив на најистурениот северен полуостров Сува Гора, амфитеатрално поставено и природно изолирано со вода и планински висови, на надморска височина од околу 860 метри. Тоа е најубавото место во делот на Преспа под Република Грција.

Нивици е старо (повеќевековно) христијанско село, во кое секогаш живееле православни Македонци. Во различна форма на името (Нивицах, Нивица и Нивици), селото се среќава во повеќе извори од различни периоди. Најрано, во 1337 година, во втората грамота на српскиот цар Душан, во 1568/1569 година во турските пописни документи за казата Горица, во 17 век во Слепчевскиот кодик (Селишчев), во 1865 година во патописот и картата на Јохан Хан, во 1889 година во делата на Стефан Верковиќ, во 1900 година во делата на Васил К’нчов, во 1902 година кај Лев Огненов, во документите и спомените од илинденскиот период, во 1912 година кај Георги Трајчев, во 1917/1918 година кај Боривое Милоевиќ, а потоа кај Макс Фасмер, Влогимјеж Пјанка, Тодор Симовски, Коста Мандушев и други. Од 1926 година Нивици носи ново наметнато (грчко) име (Псарадес), со значење „рибари“.

Селото многу добро го има опишано Владо Јовановски, роден во Љубојно, во својата монументална книга „Населбите на Преспа“. Таму се вели дека селото е од собран, дури збиен тип, со околу 50 куќи, ѕидани од камен и вар, на приземје и кат, покриени со стари ќерамиди. Старите куќи се целосно обновени (доградени или надградени), а има и новоизградени. Преовладуваат белите фасади. Нивици во минатото било пасивно село, со нагласено мигрирање од неговите жители во другите преспански села (Роби, Долно Дупени, Љубојно, Аил, Штрково, Подмочани и др.). Последниве дваесетина години, постапно но сигурно, добива карактеристики на мала атрактивна туристичка населба. Во селото работат дваесетина ноќевалишта, продавници на стока за широка потрошувачка и современ мотел. Околу 1970 година е изградено малото пристаниште, подоцна проширено и модернизирано, пристаниште на кое со глисери пристигна македонската делегација, на чело со Заев. Делегацијата, тргнувајќи од селото Стење, во македонска Преспа, го помина речиси целото езеро, вклучувајќи ја трасата покрај островот Голем Град. До изградбата на водоводот (околу 1975 година), со вода за пиење и за сите други потреби Нивици се обезбедуваше (со канти) од езерото.

Во атарот на Нивици постојат повеќе ѕидани и пештерни цркви, некои од нив и со подлабока старост. Црквата „Св. Богородица“, веднаш над селото, изградена во 1897 година, е со резбан иконостас на кој работеле мајстори Македонци од Корча полни 49 години. Во нејзиниот круг се и селските гробишта. Црквата „Св. Атанас“ (Св. Танас), на околу 2 км североисточно од селото, е изградена во пештера, на брегот од езерото. Се претпоставува дека потекнува од времето на царот Самуил. Црквата „Св. Спас“, на околу 3 км северно од селото, соѕидана во карпа, на брегот од езерото, потекнува од 14 век. Се пренесува сеќавање дека до крајот на 18 век во неа живееле монаси. Подоцна била напуштена поради непристапност условена со паѓањето на езерското ниво. Црквата „Св. Богородица Елеуса“, североисточно од селото, е изградена во 1410 година, во пештера, на брегот од езерото. Нивичани за своја општа селска слава ја имаат Св. Богородица (15 август). Се случувало на овој ден да се прават и по осум свадби.

Во текот на своето постоење, Нивици го бележи следниов демографски развој: во 1568/1569 година селото имало 38 семејства (Опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1865 година – 40 христијански куќи (Ј. Хан); во 1889 година – 30 куќи, 42 семејства и 224 жители (С. Верковиќ); во 1900 година – 400 жители (В. К’нчов); во 1902 година – 64 куќи и 674 жители (Л. Огненов); во 1912 година – 74 куќи и 603 жители (Г. Трајчев); во 1917/1918 година – 93 славохристијански куќи (Б. Милоевиќ). Според државните пописи на Република Грција, селото бележи: во 1913 година – 674 жители, во 1920 година – 589 жители, во 1928 година – 585 и во 1940 година – 770 жители (Т. Симовски).
Основно занимање на нивичани секогаш бил риболовот. Поради скромните обработливи површини, малку се занимавале со полјоделство. Сееле жито, одгледувале лозја и градинарски култури. Во рамките на сточарството чувале овци, кози, говеда, свињи, кокошки и друго. Доста се одело на печалба. Денес, покрај риболовот, најмногу се занимаваат со трговија и со угостителство.
По завршувањето на Првата светска војна, селото повторно се најде под грчко владение, што услови неколкумина нивичани да учествуваат и во Грчко-турската војна во Мала Азија (1919 – 1922). Во периодот меѓу двете светски војни беше изложено на нагласена денационализаторска и асимилаторска политика на грчката власт, особено изразена спрема македонското национално малцинство (грчка власт, грчка војска и полиција, грчки јазик и писмо, грчки училишта и учители, грчки цркви и попови, грчки имиња и презимиња, грчка топонимија, постојани закани, забрани, затворања, депортации и др.).

Во Втората светска војна падна под окупација на фашистичка Италија (јули 1941). Пред тоа, во Грчко-италијанската војна (1940-1941), на фронтовите во Албанија се најдоа дваесетина нивичани, меѓу кои имало загинати и ранети. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943), Нивици беше слободна територија на НОАВМ и ЕЛАС, каде што во повеќе наврати (јануари, февруари и март 1943) престојуваше НОПО „Даме Груев“, а во октомври истата година низ селото поминаа партизанските баталјони „Мирче Ацев“ и „Стив Наумов“.
По враќањето на монархофашистичката власт во Грција (мај 1945) и на нејзината диктатура, посебно наметната врз македонското национално малцинство, Нивици застана на страната на Демократското движење во Грција. Во текот на Граѓанската војна во Грција (1946-1949) селото доста настрада, но не се растури како другите преспански села, така што во 1951 година тоа имаше 433 жители, а во 1961 година – 430 жители. Потоа беше зафатено со бранот на иселување во прекуокеанските земји и неговата бројка на жители почна рапидно да се намалува, така што во 1971 година падна на 247, а есента 1976 година на само 180 жители. М.Н.