Дека главоболката се проширува на сите популациски групи зборува и фактот што сѐ повеќе деца до 14-годишна возраст во последно време страдаат од чести главоболки, што е последица од развојот на технологијата, појавата на паметните телефони и предолгото присуство на социјалните мрежи

Речиси секој петти жител во земјава страда од главоболка, а сѐ поголем број млади лица до 14 години ги имаат истите симптоми, покажуваат голем број истражувања. Кои се причините за главоболката, како да се препознае и лекува се некои од прашањата на кои побаравме одговор од д-р Васко Данилоски, невролог во ПЗУ „Ера медикал“ – Кичево.

Што се подразбира под главоболка, кои се симптомите и како прецизно да се дијагностицира?
– Под главоболка се подразбира болка во главата, трајна или повремена, ретка или зачестена, дифузна, која ја зафаќа целата глава или е локализирана на едно место. Таа претставува еден од најчестите симптоми со кои се среќаваме во секојдневниот живот, но мошне често е и придружен симптом на многу други болести. Најчесто болките се јавуваат ако лицата страдаат од хронична главоболка или имаат акутни главоболки со силен почеток. Таквата силна главоболка е сериозен симптом и може да биде знак и за потешки болести и затоа овие пациенти е потребно да бидат прегледани и, ако треба, да се направат дополнителни дијагностички процедури.

Каква може да биде главоболката, кои луѓе најмногу страдаат и дали еднакво страдаат двата пола?
– Иако главоболката е чест симптом и кај секој човек се јавува барем еднаш во животот, најчесто не претставува знак за некоја опасна болест, туку во деведесет проценти од случаите е симптом на мало нарушување, кое може да се отстрани релативно лесно. Се смета дека 15-20 отсто од луѓето страдаат од чести или, пак, привремени главоболки. Главоболката е најмногу присутна кај лица на возраст од 25 до 65 години и почесто е присутна кај жените отколку кај мажите. Главоболката често се јавува при промена на временските услови и голем број луѓе се наоѓаат во групата т.н, метереопати, кај кои главоболката се јавува пред да почне промената на времето и, покрај главоболката, кај тие лица може да предизвика и промени на расположението, раздразливост и депресија. Често главоболката се јавува и кај лица со специфична исхрана, лица што се подолго време гладни или изложени на разни диети.

Како се делат главоболките, што ги предизвикува, што не треба да се консумира или користи за да немаме главоболка и како се манифестира таа?
– Главоболките се делат на примарни и секундарни. Во примарни главоболки спаѓаат мигрените, тензионите главоболки, кластер-главоболките и мешаните главоболки без структурни лезии. Секундарните главоболки се познати како симптоматски, бидејќи се симптом на друго заболување. Мигрената е бенигна, повторувачка, пулсирачка болка, најчесто на едната половина на главата, која се појавува периодично и од неа боледуваат 10-20 проценти од населението. Главоболката може да биде придружен симптом на нарушувања од органска природа што се сместени во главата. На пример, главоболка предизвикува и нарушување на видот, како што се рефрактерните аномалии. Исто така главоболка може да предизвикаат болести на ушите, носот и грлото, како на пример воспаление на синусите. Понекогаш причина за главоболка може да биде и некакво метаболно нарушување или да биде последица од земање некакви лекови или нивна апстиненција.

Како се лекува главоболката и како најдобро може целосно да се излекува, без последици во понатамошниот тек од животот?
– Со оглед на видот и големиот број причинители, лекувањето на главоболката се разликува од случај до случај. Повеќето главоболки се од минлив карактер и спонтано поминуваат, а понекогаш се и без специфична терапија. Сепак првенствено е потребно, ако воопшто е можно, да се утврди причината и навремено да се отстрани. Најчесто помагаат разни лекови против болки, промени на начинот на живот, психотерапија, физикална терапија и други. Освен лековите против болки, од корист можат да бидат и седативите, лековите за опуштање на мускулите, антиепилептиците, лекови што дејствуваат на крвниот притисок или разни лекови за мозочна циркулација. Понекогаш е потребен и стоматолошки третман, а во исклучителни случаи е потребно и хируршко лекување.

Која е причината сѐ поголем број млади лица да страдаат од главоболки?
– Дека главоболката се проширува на сите популациски групи зборува и фактот што сѐ повеќе деца до 14-годишна возраст во последно време страдаат од чести главоболки, што е последица од развојот на технологијата, појавата на паметните телефони и предолгото присуство на социјалните мрежи. Тука, во превенцијата е важна улогата на родителите во едукацијата на своите деца и евентуално ограничување на времето поминато пред компјутер или телефон на не повеќе од еден час во текот на денот. Колку е поголема апстиненцијата од овие технолошки изуми, толку и можноста за помали главоболки е повеќе од извесна.