Не само 3 декември, туку секој ден е важен за лицата со попреченост, беше пораката испратена на манифестација под мотото „И јас можам“, во организација на Агенцијата за млади и спорт, одржана денеска во ОУ „Невена Георгиева – Дуња“ во Кисела Вода.

На настанот се претставија дечињата од ПОУ „Иднина“-Скопје, „ Д-р Златен Сремец“, Државното училиште за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“ и ДСУ „Св. Наум Охридски“.

Сите училишта се претставија со своја програма, во која дечињата имаа можност да ги претстават своите вештини и таленти најдобро што умеат. Изложба од цртежи, песни, глума беа дел од програмата, а на крајот имаше и базар со рачни изработки од децата и нивните наставници.

На настанот присуствуваа директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.