Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните

Свети Никола е најпразнуваниот светец и е еден од празниците што македонските православни верници најмногу го слават како домашна слава или, пак, како именден.

Mногу македонски семејства вечер и утре ќе го прослават празникот со богата посна трпеза, на која преовладуваат риба и посни сарми.

Речиси секое второ семејство овој ден го празнува како слава.
Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец.

Како култот кон него ги обединува луѓето?

Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните.
Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу Православната и Католичката црква од 1054 година.

На многумина денес им е јасно дека зад ликот на Дедо Мраз од бајките има сосема реален прототип, светиот Николај Мирликиски, епископот ликиски и на градот Мир. Тој е свет заштитник на сите немоќни, бедни и сиромашни и на патниците.

Професорот од Теолошкиот факултет во Скопје Ратомир Грозданоски вели дека Свети Никола е еден од светителите што ги празнуваат сите христијани и имаат еднаква почит кон него, и католиците и православните, но интересно е што го празнуваат и протестантите.

– Името Никола е многу распространето и се среќава и меѓу православните, и кај римокатолиците, и кај протестантите, како Никола, Николај, Николаос, Ник, Никол, Ниче, Коле, па Николина, Ники… На сите овие имиња коренот им е од Никола. Сите тие се носители на едно прекрасно име, на името свети Никола – објаснува професорот Грозданоски.