Во Институтот за јавно здравје вчера се пријавени седум нови сомнителни случаи на заразени лица со морбили. За сите нив се добиени материјали, по што следува лабораториска анализа на вирусологија, а потоа ќе се знае дали ќе бидат потврдени или не. Неофицијално, станува збор за деца од градинка во општината Аеродром.
Прим. д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во институтот, вели дека се чека потврда по анализите.

– За новите случаи податоци добивме од Инфективната клиника. Во новата епидемија, на територијата на Скопје, без оние седум случаи од Радишани, според последните податоци, во моментов има 13 потврдени случаи – информира д-р Кузмановска.
Инаку, по појавата на морбили во градинка во Радишани, Министерството за здравство прогласи епидемија на ниво на градот Скопје, а во исто време донесе и забрана за прием во градинка на невакцинирани деца со МРП-вакцина (за морбили, рубеола и паротитис). Откако трае забраната, досега се вакцинирани над 1.300 деца.

Во исто време, инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат контролираат на терен дали градинките примаат деца без примена МРП-вакцина. Досега, како што информираат во инспекторатот, не се регистрирани такви случаи. Ако биде утврдено дека градинка примила невакцинирано дете, казната за правното лице е до 4.000 евра, а за одговорното лице е 30 отсто од одредената сума за правното лице.