Со положување цвеќе пред спомен-плочата во месноста Карпалак и во комплексот „Карпалак“ во Прилеп денеска ќе бидат одбележат 17 години од загинувањето на 10 – те бранители на Карпалак во 2001 година.

Кај месноста Карпалак и пред комплексот во центарот на Прилеп венци ќе положат собраниска делегација во состав Кети Смилевска и Татјана Лалчевска и заедничка делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија предводена од државниот секретар, Драган Николиќ и директорот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Зоран Милески.

Цвеќе ќе положат и претставници од здружението „Карпалак“ и од општина Прилеп кои оваа година се организатори на одбележувањето во чест на делото на загинатите прилепски бранители.

карпалак 1.jpg

Вчера делегации на семејствата на загинатите, на преживеаните бранители на Општината, на општинскиот совет и на АРМ, положија цвеќиња пред спомениците во кругот на касарната „Мирче Ацев“, како и пред спомен плочата на загинатите бранители во селото Лениште.

Централното чествување ќе се одржи денеска во 13 часот пред спомен плочата кај споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп. Бројни владини, собраниски, општински, како и делегации од институции, претставници на семејствата на бранителите, политички партии, здруженија и граѓани ќе положат свеќи цвеќиња и ќе им оддадат достојна почит на загинатите прилепчани.

споменик карпалак.jpg

На 8 август 2001 година на патот Скопје – Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата на Република Македонија, при што загинаа десет армиски припадници: Нане Наумоски (48), резервен капетан, Сашо Китановски (40), резервен поручник, Горан Миновски (29), воен обврзник, Ердоган Шабановски (21), воен обврзник, Љубе Грујоски (32), воен обврзник, Бранко Секулоски (43), воен обврзник, Дарко Велјановски (27), воен обврзник, Пеце Секуловски (31), воен обврзник, Веби Рушитовски (26), воен обврзник и Мирко Деспотовски (27), воен обврзник, сите од Прилеп и Прилепско.