Македонија моментно дава прибежиште на 400 граѓани од Авганистан откако седуммина од бегалците заминаа за Португалија, информираат од Владата.

– Четворица возрасни и три деца изутрината од Меѓународниот аеродром Скопје преку Истанбул, заминаа за Португалија како нивно трајно одредиште – се наведува во владиното соопштение.

Станува збор за вработени во меѓународни организации и нивни семејства на кои во изминатиот период нашата земја им обезбеди привремено засолниште во рамки на меѓународната хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан кое, како што нагласуваат од Владата, е под закана на новата талибанска власт во земјата.

Авганистанските бегалци тука ја добиваат целата потребна поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците за престојот се покриени од меѓународните организации.