Фото: Игор Бансколиев

Процесот на подигнување на нивото на заштита и информирањето на децата за нивните права не може и не треба да запре. Покрај градењето на свеста на децата за нивните права, преку детско учество во процесите на одлучување за прашања важни за нив, наша заедничка задача е да алармираме поради влошувањето на состојбата со насилството врз децата и да ги поттикнеме институциите да се активираат во оваа насока, велат социолозите

Светот го одбележува Денот на правата на детето, но колку општествата успеваат да ги заштитат децата и да им овозможат безгрижно детство. Многу често институциите на овој ден се сеќаваат дека и децата имаат свои права, дека како највреден општествен приоритет треба да ги имаме токму децата. Но дали еден ден е доволен за да се заштитат децата? Современиот живот како да наложува други приоритети, а македонското општество секогаш не успева да застане во одбрана на правата на децата. Многу родители одлучуваат токму поради нефункционалниот систем да ја напуштат државата за да им овозможат подобра иднина и подобра заштита на своите деца. Институциите треба да ја сфатат важноста дека највредната политика е инвестирање во правата на децата и во нивната заштита, односно да градат систем што ќе овозможи својата иднина децата да ја гледаат во државата, а не надвор од неа. Тоа значи подобро здравство, подобро образование, побезбедно општество…

Секоја година на 20 ноември се става акцент на одредена форма на злоупотреба на децата, на тоа каков е третманот на детето во нашата држава и каде е неговото место во ова општество, но и како да им го подобриме животот на децата што се жртви на семејно насилство, потекнуваат со сиромашни семејства и работат на улица.
Заклучокот е дека наша, заедничка задача е да алармираме поради влошувањето на состојбата со насилството врз децата и да ги поттикнеме институциите да се активираат во оваа насока.

Според социолозите, процесот на подигнување на нивото на заштита и информирањето на децата за нивните права не може и не треба да запре. Покрај градењето на свеста на децата за нивните права, преку детско учество во процесите на одлучување за прашања важни за нив, во училишната средина или општината, треба да се поттикнува и градењето на културата на мирно решавање на проблемите во училиштето.

Во првата детска амбасада „Меѓаши“, во последниве три месеци, бил пријавен само еден случај на сомневање на злоупотреба на детски труд од страна на образовна институција, а станува збор за план и програма на институцијата за општествено корисна работа како дел од воспитувањето на децата. Други видови злоупотреби не биле дојавени во „Меѓаши“. Освен тоа, од почетокот на 2019 година, на СОС-телефонот за деца и млади при првата детска амбасада „Меѓаши“, сите добиени повици или директни посети во просториите се направени од страна на возрасни лица, родители, баби, дедовци, наставен кадар или возрасни од спортски и други здруженија или институции.

Според Јорданка Черепналкова-Трајкоска, координаторка на СОС-телефонот за деца и млади при „Меѓаши“, дојавите секогаш се однесуваат за правата на детето, но се изнесени низ призмата на возрасните така што посредно заклучуваме за проблемите со кои се соочуваат децата.

– Меѓу почестите проблеми на прекршување на правата на децата се непочитување на правото на недискриминација од страна на образовните институции (случаите со непримање деца што ја немаат примено МРП-вакцината), непочитување на правото на детето на видување на двајцата родители во случаите на раздвоени родители и поврзано со тоа и правото на заедничка одговорност (материјална) на двајцата родители или непочитување на решенијата за динамиката на видување издадени од надлежната институција (ЦСР), како и меѓуврсничкото насилство, физичко, вербално и социјално (исклучување на некои деца од социјалните групи на децата). Она што провејува во сите дојавени случаи, за кој било од наведените проблеми, е незадоволството на родителите од одговорите на надлежните институции и немоќта на родителите/возрасните да го решат проблемот. Често се јавуваат и случаи на семејно насилство, почесто на едниот врз другиот родител, но посредно тоа значи и насилство врз децата како сведоци и на нивното право на безбеден дом, што е основа за градење здрава личност. Веројатно причината за почестото јавување од возрасните може да се бара во сериозноста на проблемите за кои децата можеби се плашат или не знаат кому да му се обратат. Во секој случај телефонот е отворен без разлика дали се јавуваат децата сами или возрасните – посочува Черепналкова-Трајкоска.

Според неа, динамиката на јавувања варира во зависност од денот/седмицата и од актуелните случувања во нашето општество, но во просек во периодот од септември досега се околу 30 случаи месечно.

Истражување во врска со насилството во училиштата, кое го изработиле професорките на Филозофскиот факултет, Софија Георгиевска, која предава социјална работа со деца и млади и, Фросина Денкова Зафировска, која е системски семеен советник и лиценциран психолог, покажува дека 24 отсто од учениците биле изложени на насилство во училиштата и тоа, 5,1 отсто најмалку еднаш во неделата.
Според нив, фрапантен е податокот дека 27 отсто од учениците веќе неколку години константно се изложени на насилство, и тоа 34 отсто од ученичките, и 23 отсто од учениците. За тоа каде се случува насилството, 46 отсто од децата одговориле дека тоа се случува на игралиште, 24,8 отсто во училница додека е присутен наставникот, 20,3 отсто додека е отсутен наставникот, 24,8 отсто на пат кон училиште.

Податоците говорат дека осум отсто од женските деца се секојдневно изложени на вербално насилство, а четири отсто на физичко, закани и на сајбер-насилство. Кога станува збор за момчињата, 12 отсто од нив се секојдневно изложени на вербално насилство, осум отсто на физичко и три отсто на сајбер-насилство.

Перцепцијата на учениците е дека повеќе од 11 отсто од наставниците никогаш не се обиделе да го спречат насилството, а 14 отсто од учениците одговараат дека никогаш другите ученици не презеле нешто за да го спречат насилното однесување. На прашањето дали некоја возрасна личност со која живее детето пријавила во училиштето за да го спречи насилството над него, дури 40 отсто одговориле дека возрасните лица не пријавиле насилство.

[email protected]