Фото: Игор Бансколиев

Северна Македонија се стави себеси на мапата, БЈРМ официјално го смени името во Северна Македонија, балканската нација сега е Северна Македонија, гласат дел од насловите во светските медиуми, кои ја проследија веста за стапувањето на сила на новото уставно име.

– Новата држава наречена Северна Македонија конечно го зазема местото на мапата меѓу нациите на Западен Балкан – пишува британски „Гардијан“.

– Малата балканска нација на Македонија официјално го смени името додавајќи географска одредница која става крај на деценискиот спор со соседна Грција и го осигурува нејзиниот влез во НАТО – наведува „Вашингтон пост“ во написот „Нарекувај ме со новото име: Балканската нација сега е Северна Македонија.

– Добредојде во Европа, Северна Македонија! Искрено добра вест. Омразата надмината преку дипломатија и компромис од двете страни – истакна Џереми Клиф, колумнистот на британски „Економист“.

Честитки упатија и странските политичари, воглавно преку Твитер до министерот за надворешни работи Никола Димитров. 

– Преспанскиот договор стапи на сила – честитки за Северна Македонија! Постигнување што ќе биде запишано со златни букви. Добредојдовте во фамилијата на НАТО – напиша шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак на Твитер, честитајќи му на неговиот колега Никола Димитров.

– Честитки за дипломатското и политичкото остварување од долгорочна важност за стабилноста на Европа – порача поранешниот шведски премиер Карл Билд.