Фото: Маја Јаневска-Илиева

Правото на ослободување од плаќање партиципација во јавна установа за деца се остварува за дете во семејство на самохран родител, односно ако еден од родителите е починат или не е познат или, пак, му е одземено родителското право

Антонија Поповска

Самохраните родители од 20 март имаат можност да поднесат документи за да бидат ослободени од плаќање надоместок за градинка. Како што самите велат во групите за самохрани родители на Фејсбук, некои родители веќе почнале да поднесуваат документи за да го искористат ова право. Сепак, директорите на градинките со кои поразговаравме, велат дека сѐ уште нема некој голем интерес кај самохраните родители што аплицираат за оваа поволност.

Правото на ослободување од плаќање партиципација во јавна установа за деца се остварува за дете во семејство на самохран родител, односно ако еден од родителите е починат или не е познат или, пак, му е одземено родителското право или, пак, ако од други причини едниот родител е спречен да го врши родителското право. За да биде самохраниот родител ослободен од оваа финансиска обврска, треба да поднесе потврда од Агенција за вработување дека е невработен, решение од социјално, уверение од Управата за јавни приходи, изводи од матичната книга на родени за родителот и за детето. – Уште пред да стапи во сила оваа новина, имавме самохрани родители што плаќаа половина од сумата предвидена за престој.

Ние доставуваме барање до општината и до управниот одбор, а тие одлучувале дали конкретен родител ќе треба да плаќа намалена или целосна партиципација. Откако е во сила новата одлука на Министерството за труд и социјална политика, немаме родители што аплицирале – вели Славица Ристевска, в.д. директорка на градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“. И нејзината колешка Рабије Љоку од градинката во Чаир „Фидани“ вели дека сѐ уште нема интерес од родителите.

– Правилникот ни е испратен од МТСП, има одредени документи што тие треба да ги приложат. Тоа се однесува повеќе за родители со примања што не ја надминуваат сумата од минималната плата во државата. Можеби интересот за ослободување од надоместок ќе биде поголем кога ќе бидат следните уписи – вели Љоку. Пред 10 дена, во согласност со заложбите за поддршка на самохраните родители, министерката Мила Царовска ги изменила правилникот за условите, критериумите и начинот на остварување на правото на партиципација во трошоците за згрижување, воспитание, одмор и рекреација на деца во јавните установи за деца. Правилникот со критериумите и начинот на остварување на правото на партиципација во трошоците за згрижување, е објавен на веб-страницата на министерството. И досега постоеше можност на самохраните родители да им биде олеснето плаќањето во градинка за престојот на нивните деца, зависно од буџетот на општините, кои се основачи на јавните градинки. Инаку редовната цена за еден месец престој, храна и грижа во градинка е 1.490 денари.