Самит на земјите членки на Процесот на соработка во Југоисточна Европа почна во утринските часови на Јахорина, во близина на Сараево, а на состанокот учествуваат шефовите на пет од тринаесет земји членки, вклучувајќи го и претседателот на Албанија, Илир Мета, кој пристигна во Сараево во понеделникот навечер и покрај претходните најави дека неговата земја ќе го бојкотира овој настан.

Покрај членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ на самитот присуствуваат и претседателите на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, и нашиот претседател, Стево Пендаровски.

Албанија претходно најави дека ќе го бојкотира настанот во знак на солидарност со Косово, чии претставници ја одбија поканата за учество како земја со неутрален статус.

Србија и Бугарија ги претставуваат премиерите Ана Брнабиќ и Бојко Борисов, додека другите земји се претставени на ниво на министерствата за надворешни работи.

И покрај фактот дека завршувањето на едногодишното претседателство на Босна и Херцеговина со ПСЈИЕ е во сенка на конфликтот меѓу домаќините и косовските власти, кои одлучија да го бојкотираат самитот бидејќи нивната земја не беше поканета со статус на независна држава, со оглед на фактот дека БиХ не ја признава, се очекува учесниците на самитот на Јахорина да усвојат заедничка изјава која генерално беше договорена на техничко ниво на состанокот одржан во понеделникот.

Изјавата од страна на сите земји членки ја потврдува нивната подготвеност да продолжат да работат заедно преку оваа иницијатива почната во 1996 година, со цел зајакнување на регионалната соработка, безбедност и стабилност, економската соработка и соработката во областа на судството, борбата против организираниот криминал и тероризмот.