Лекарскиот тим во визита на пациентот кој е во стабилна состојба по трансплантацијата на срцето

Хуман гест на семејството Белчовски

Единствена утеха за семејството Белчовски од беровското село Русиново е што животот на починатата Верица Белчовска (20) на некој начин ќе продолжи преку животот на пациентите кои ќе ги примат нејзините органи. Семејството сака да остави пример за потребата од вакви хумани гестови, откако решија да ги донираат органите на својата ќерка која загина во сообраќајна несреќа.

– Сакаме да дадеме до знаење дека органите треба да се донираат, а се одлучивме на тоа бидејќи сакаме да спасиме животи. И нам, доколку ни беа потребни, верувам дека ќе ни се излезеше во пресрет. Затоа и ние сакавме да помогнеме, бидејќи така ќе живее и нашата сестра – истакна братот нa Верица, Мартин Белчовски, во изјава за МИА.

Како што претходно соопшти Министерството за здравство, пациентот кој денеска го прими срцето од донорот е на возраст од 22 години. Од донорот беше предвидена и трансплантација на бубрезите, како и коски за пациенти со тешки фрактури кои немале можност да стават протези, и со карциноми кои им ги оштетиле коските.