Сабота е ден за душите на починатите

Се одбележува Задушница пред Прочка

Во нашата традиција три од овие саботи се изделуваат, и тоа саботата пред Духовден, месопусната сабота и саботата пред празникот Митровден, и се нарекуваат задушници. Самиот израз „за душата“ означува дека тоа се особени периоди/денови во годината, кога христијаните својот молитвен труд им го посветуваат на упокоените

Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во чест на душите на мртвите. Оваа Задушница секогаш се паѓа една недела пред празникот Прочка. Тогаш се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите, верниците им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Според теолозите, самиот збор задушница значи „за душата“. И според оваа терминологија, тоа подразбира принесување жртви и молитви.

– Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино, а во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесувањето на жртвата, зашто во православната жртва има само бескрвна жртва. Раздавањето храна е непотребно, не е задолжително и не треба да се практикува. Во црквата секој ден си има свое значење и намена, па така како ден за покојните е одредена саботата. Затоа и задушниците се прават секогаш во сабота. Значи, спомените не треба да се прават во недела, туку секогаш во сабота – објаснуваат теолозите.

Отец Бобан Митевски, свештеник од МПЦ-ОА, вели дека црквата се моли и за сите починати воопшто. Според богослужбениот поредок, отецот посочува дека црквата го практикува тоа во секоја сабота.
– Во нашата традиција, три од овие саботи се изделуваат, и тоа саботата пред Духовден, месопусната сабота и саботата пред празникот Митровден, и се нарекуваат задушници. Самиот израз „за душата“ означува дека тоа се особени периоди/денови во годината, кога христијаните својот молитвен труд им го посветуваат на упокоените христијани. Приносот што се дава, придружен со конкретно молитвословие, е во вид на бескрвна жртва – коливо, односно варена пченица, која го симболизира Воскресението и вино, страдањата Христови. Некаде се принесува и леб. Но освен овие работи, на гробовите не би требало да се принесува никаква друга храна – нагласува отецот.

Отец Митевски додава и дека саботите како месопусната сабота, втората, третата и четвртата недела од велигденскиот пост, понеделникот или вторникот од Томината недела, саботата пред Педесетница и саботата пред празнувањето на споменот на св. вмч. Димитриј, се нарекуваат вселенски родителски саботи, зашто се одредени со уставот на Вселенската црква.


Следува Прочка, па Велигден

По оваа Задушница, следува Прочка, а потоа почнуваат велигденските пости. Инаку, неделата пред Прочка се вика месопусна или месна недела, а некои ја викаат и месни поклади, зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и со свинска маст. Овој период од седум дена од месни поклади до Прочка се вика и сирна недела или сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и бела недела. Според преданието, некому, кој умрел во текот на овие денови, во забите му нашле месо што го сметале за причина за смртта. Оттогаш останало строго да се внимава во текот на сирната недела да не се јаде месо.