Пролетното заседание на Светиот архиерејски сабор на Српската православна црква(СПЦ), што викендот почна во Пеќката патријаршија, продолжува денеска во Белград, а меѓу темите е и барањето на МПЦ-ОА до БПЦ да и биде мајка црква, како и новата територијална организација на СПЦ што ја засега и Македонија.

Српските медиуми пренесуваат дека на Саборот ќе се расправа одлуката на Бугарската црква да прифати да и биде мајка црква на МПЦ и да се застапува за нејзино целосно вклучување во заедницата на православните цркви.

Синодот на СПЦ досега формално не се огласи за релациите МПЦ – БПЦ. Сепак, дел од владиците тоа го оценија како преседан во меѓуправославните односи наведувајќи дека и покрај спорот околу статусот, официјално мајка црква на МПЦ може да биде само СПЦ, пишува „Данас“.

Во однос на новата територијална организација, во предложениот нов Устав на СПЦ се предвидува ПОА на Јован Вранишковски да добие статус на „автономна црква во составот на СПЦ“, а нејзиното историско седиште од Охрид да се премести во Скопје.

Според новиот предлог Устав, изборот на архиепископот ќе го потврдува српскиот патријарх. Новиот Устав не предвидува можност Саборот и патријархот да не се согласат со одлуките на автономната црква во Македонија ниту предвидува „уставен лек“ за таква ситуација. Новина е и тоа што наместо досегашниот еден глас, во иднина сите владици во Македонија ќе имаат право да учествуваат во изборот на поглаварот на СПЦ.