„Разбуди ги позитивните навики во сообраќајот!“ е новата пролетна едукативна кампања за одговорно учество во сообраќајот и за почитување на сообраќајните правила и прописи на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Кампањата ќе се реализира во четири тематски фази и ќе биде насочена најпрво кон едукација на возачите, а потоа и кон подигнување на сообраќајната свест за безбедно учество во сообраќајот на пешаците, мотициклистите и велосипедистите – категории ранливи учесници во сообраќајот. Во неа, освен едукација преку социјалните и електронските медиумите, ќе се организираат и јавни настани, преку кои учесниците во сообраќајот ќе се запознаат со опасностите со кои се соочуваат во сообраќајот и ќе добијат совети како истите да ги надминат.

– Намалување на бројот на загинати – пешаци, велосипедисти и мотицклисти е цел поставена во Втората национална стратегија за унапредување на безбедност на сообраќајот на патиштата. Оваа цел, сама по себе, претставува јасен предизвик не само за РСБСП, туку и за сите останати надлежни институции за подигање на безбедноста во сообраќајот на ниво достојно секој поединец слободно и без страв да учествува во сообраќајот. Во таа насока, РСБСП, неколку години по ред, реализира вакви или слични едукативни активности – велат од РСБСП.

Во 2017 година, на патиштата во Република Македонија, животот го загубиле 34 пешаци, пет велосипедисти и седум мотоциклисти. Бројот на загинати велосипедисти и мотоцклисти е намален за 50 проценти во споредба со 2016 година, а бројот на загинати пешаци е ист. Согласно овие показатели, минатата година ранливите категории учесници во сообраќајот, таргет на оваа кампања, учествувале со околу 30 отсто од вкупниот број жртви на патиштата.