Иднината на Македонија е во НАТО и во ЕУ и ова не е само мое мислење, туку и на европските институции, како и на сите 28 земји-членки, и јас би сакал да ја видам Македонија на мојата страна во Европа, во најскоро време, затоа што, стабилноста, мирот, просперитетот и демократијата на Западен Балкан се важни. Но мора да биде јасно дека без договорот за спорот за името, не гледам шанса за вас да влезете во НАТО и во ЕУ.

Ова го порача државниот министер за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Михаел Рот, вчера на дебатата „Младинските перспективи за интеграцијата на Македонија во ЕУ“, организирана од фондацијата „Фридрих Еберт и ЦИВИЛ-центар за слобода“.

– Затоа ние мора да ги оствариме своите ветувања и Македонија мора да ги оствари своите ветувања. Тоа не е обврска само на Владата туку на сите политички актери, да ја преземат одговорноста за целата земја! Политиката не е игра! Затоа вие сте толку важни, затоа што вие ќе ја изградите иднината на вашата земја. Вие сте ни потребни. Затоа ве охрабрувам да застанете и да се борите за своите права, да го кренете својот глас – рече, меѓу другото, министерот Рот, кој е во дводневна посета на Македонија.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров истакна дека Македонија изгуби една генерација во чекање и кога се зборува за патриотизам, тоа е, вели, постојана посветеност, а не празен и себичен национализам. Бара храброст и одговорност да се соочите со препреките и да претворите во можност што ќе ги ослободи потенцијалите на младите во општеството.

– За кој било министер во Македонија најлесна работа е да ги стави проблемите под тепих во врска со проблемот за името со Грција. Можеме да се жалиме колку светот е нефер, неправеден, но треба да се соочиме со реалноста, со проблемите и со самодоверба да дојдеме до решенија – порача Димитров.
Нагласи дека живееме во регион што сѐ уште се соочува со прашања и несигурност и затоа вели дрка многу е важно за иднината на Македонија да се приклучи во НАТО, за да не се прашува повеќе какви проблеми и грижи ќе имаме пет години или десет години од сега.

– Многу е важно да се качиме на овој воз оти Европа минува низ сопствена транзиција. Немаме време за губење, не знаеме дали ќе дојде друг воз и затоа не смееме да го пропуштиме овој. Секако дека нема веднаш да цветаат рози, ќе треба напорна работа, солзи, но најдобра шанса за нашата земја да стане европска демократија со добро образование, одговорни политичари, со слободни медиуми, со независни судии е да се качиме на овој воз. Ова е суштината на реформите за евроинтеграција, порача Димитров.