Денеска беше објавен годинешниот индекс на „Репортери без граници“, кој ја мери слободата на медиумите во државите во светот. Оваа година Македонија бележи скок од три места на оваа листа и сега се наоѓа на 92. место од вкупно 180 земји во светот.

– Треба да се забележат две револуционерни достигнувања во врска со саморегулацијата и работните стандарди на професионалните новинари: од една страна, создавањето на Регистарот на професионални онлајн-медиуми (www.promedia.mk), кој има речиси 120 члена, креиран од страна на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Оваа иницијатива ја промовира саморегулацијата на медиумите со тоа што ги обврзува да се придржуваат кон Кодексот на новинарите и да ги објавуваат одлуките на СЕММ. И, од друга, потпишувањето на Повелбата за подобрување на условите за работа на новинарите и медиумските работници во дигиталните медиуми од страна на Синдикатот (ССНМ), во соработка со ЗНМ и СЕММ – се вели во извештајот на „Репортери без граници“.

Еден од проблемите што се издвоени во извештајот на „Репортери без граници“ е финансирањето медиумите од страна на општините и покрај забраната за оваа практика. Освен тоа, се критикува и купувањето простор во медиумите за промовирање на достигнувањата на Владата, нешто што наиде на осуда од Здружението на новинарите на Македонија.

Во извештајот се наведува дека бројот на физички напади врз новинарите и медиумските работници е намален, меѓутоа во пораст е бројот на сајбер-напади, а се дава критика и на застојот во реформирањето на јавниот сервис.

Според последниот индекс за слобода на медиумите, од соседството пред Македонија се: Грција на 65., Косово на 70. и Албанија на 84. место, а зад нас се наоѓаат Србија на 93. место, Црна Гора на 105. и Бугарија на 111. место.