Со реконструкцијата на дневната болница на Клиниката за хематологија целосно е завршена последната фаза од процесот на обнова на установата.

Ова е оддел каде што се спроведува дијагностика, терапија и долгогодишна контрола на пациентите со разни хематолошки, малигни и немалигни сериозни заболувања.
Покрај реновирањето, за дневната болница на Клиниката за хематологија обезбедени се нови апарати и опрема кои ќе овозможат здравствена нега на значително повисоко ниво, како и најсовремени апарати за стерилизација на воздухот, од особена важност за пациентите и персоналот и целосно почитување на стандардите за заштита од ковид-19.
Од самиот почеток на пандемијата со ковид-19, во дневната болница непречено се реализираа сите медицински услуги во две смени, по претходно точно утврдени препораки со цел пациентите да се чувствуваат безбедно и сигурно на клиниката. Со строго запазени протоколи, до крајот на јули годинава реализирани се вкупно 9310 болнички денови.