Во периодот од 2013 до крајот на 2018 година Хелсиншкиот комитет евидентирал 508 инциденти сторени поради омраза, беше соопштено на денешната прес-конференција по повод Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза, на која беше презентиран Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2018 година.

Од комитетот порачаа дека во 2018 година регистриран е досега рекорден број на инциденти (123) споредено со сите претходни години. Трендот на зголемување на регистрирани инциденти сторени од омраза продолжува и во 2019 година, односно заклучно со јуни годинава, евидентирани се вкупно 109 случаи.

Бројот на инциденти извршени по основ на етничка припадност е алармантен и достигнува 64 отсто од сите регистрирани инциденти. Речиси сите се случиле помеѓу припадници на македонската и албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е податокот дека огромно мнозинство жртви и сторители се малолетни лица/младинци.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, посочи дека Комитетот е единствен субјект во земјава кој со поддршка на Мисијата на ОБСЕ го следи овој феномен, а Македонија е единствена во регионот каде што државата не го прави тоа континуирано и систематизирано. Државата и понатаму не презема мерки за да ги спречи делата од омраза, но и говорот на омраза, кој е главен фактор за предизвикување насилни инциденти. Според Пировска, главната забелешка е за Јавното обвинителство, кое не ги процесуира пријавите (ниту една од големиот број пријави поднесени од Хелсиншкиот комитет нема исход). Судовите, исто така, не ги третираат овие дела соодветно, односно не ја праќаат пораката дека државата се справува со овие дела.

Хајди Штерјова-Симоновиќ нагласи дека за 123 инциденти минатата година, поднесени се само 24 кривични пријави, и тоа за случаи каде се инволвирани јавни личности и политичари, но не и за оние каде сторители и жртви се малолетници. Таа посочи дека Скопје е најнебезбеден град, имајќи предвид дека најголем број инциденти се случиле во општините Гази Баба, Центар и Чаир.