Фото: Игор Бансколиев

Со печатењето на 25.000-от број, весникот прославува редок јубилеј на овие простори. Во продолжение ќе можете да прочитате како граѓаните од различни структури и професии гледаат на „Нова Македонија“ и какви чувства и впечатоци буди весникот кај нив

Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ со ова викенд-издание го одбележува излегувањето на 25.000-от број, достигнување што уште еднаш ја потврдува улогата на весникот на единствен и автентичен хроничар на поновата македонска историја.

Почнувајќи ја својата новинарска приказна во пазувите на живописното Горно Врановци, каде што беше отпечатен првиот број, „Нова Македонија“ на 29 октомври 1944 години и потоа низ годините на своите страници ги забележа најважните моменти за македонскиот народ и држава и сите предизвици и премрежиња со кои се соочивме.
Со печатењето на 25.000-от број, весникот прославува редок јубилеј на овие простори. Големината на овој јубилеј е дотолку поголема бидејќи „Нова Македонија“ успеа да ги надмине сите искушенија во минатото и од секое од нив да излезе уште посилна, застанувајќи секогаш на страната на вистината и јавниот интерес и потпирајќи се секогаш на примената и почитувањето на професионалните новинарски стандарди. Тоа несомнено е и тајната на успехот и на опстојувањето на весникот, кој изминативе години во анализите и извештаите на најрелевантните меѓународни организации секогаш е оценуван во рангот на најпрофесионалните и најизбалансирани медиуми. Во продолжение ќе можете да прочитате како граѓаните од различни структури и професии гледаат на „Нова Македонија“ и какви чувства и впечатоци буди весникот кај нив.


Асоцијација за откривање на светот

Почитта и честа што ги заслужува „Нова Македонија“ за тоа што е упорен, доследен и веродостоен „придружник“ на македонската држава, за нејзиното влијание во општествените и историските процеси, за создавањето на темелите и стандардите на македонското новинарство, па и писменост… неоспорно се содржани во фактот дека денеска излегува 25.000-то печатено издание на првиот македонски дневен весник.
За мене лично, со сето свое животно и професионално искуство, „Нова Македонија“ сè уште претставува асоцијација за откривање на светот. Веројатно, тоа е вкоренета емоција уште од младоста, кога со „Нова Македонија“ го откривавме светот и од неа учевме повеќе од тоа што нè учеа на училиште. Честитки за 25-те илјади отпечатени броеви, кои покрај сѐ докажуваат дека печатените медиуми имаат посебна смисла и вредност и во време на нови медиуми. Посакувам успех и истрајност и во иднина!
Дане Илиев, правник, поранешен претседател на Врховниот суд


Медиумски симбол на Македонија

Сите овие години, „Нова Македонија“ е начин како да се следат настаните и дома и во светот. Весникот е историја и на државата и на македонскиот народ. За мене секогаш бил потреба бидејќи сум ги следел настаните што биле актуелни, а редакцијата секогаш овозможувала информациите да бидат и актуелни и прецизни и разбирливи. Особено порано кога имавме само два весника, улогата што ја играше „Нова Македонија“ може да се нарече историска. Многу беше значајно што не се дозволи весникот да пропадне во периодот на длабоки општествени промени и се овозможи тој да остане медиумски симбол на Македонија.
Искрени честитки на сегашната редакција за овој голем јубилеј и висока почит за сите пера што го претставуваа весникот за сите овие години.
Ристо Никовски, поранешен амбасадор


Втората насловна страница како освежување

Во моето семејство весникот „Нова Македонија“ се чита и се купува повеќе од 20 години. Го читаме и јас и мојот сопруг. Весникот е реален и објективен и од сите аспекти ги задоволува нашите читателски потреби. До скоро, јас читав сè освен спорт, но последниве години почнав да ги читам и спортските вести, но само поврзани со тенисот поради внуците.
Весникот „Нова Македонија“, според мене и некои мои пријатели што исто така го читаат со години, се труди да „не држи страна“ и во тоа е доста успешен. Богат е и актуелен. Има за секого по нешто. Добро ја оценувам новината што се воведе втора насловна страница од крајот на весникот. Тоа особено ми се допаѓа бидејќи јас секој весник почнувам да го читам од задната страница! Постојат и други како мене!
Често купувам и „Вечер“ и многу поретко „Слободен печат“, нешто од љубопитност да видам што пишуваат, а и за да не се расправаме кој ќе го чита весникот, но тогаш се расправаме кој прв ќе ја чита „Нова Македонија“. Ние повозрасната генерација сакаме весник од хартија, а не на компјутер, бидејќи сметаме дека чувството кога го читаме е поубаво!
На крајот ви го честитам 25-илјадитиот број и ви посакувам успех во работата и весникот да биде уште подобар. Честитки и до сите што учествуваат во неговото создавање, бидејќи весникот е тимско дело.
Калина С. Андонова, уредничка на „Пензионер плус“


Најпрво ги отворам страниците за култура, а потоа колумните

Секогаш кога купувам „Нова Македонија“, а купувам многу одамна, најпрво ги отворам страниците со информации и коментари од областа на културата, а потоа ги читам страниците со колумните.
Со интерес и внимание ги читам зашто темите се актуелни и најчесто се од поширок интерес. А во двобројот сабота-недела постојано наоѓам и читам за настани и луѓе што ми го привлекуваа вниманието, не само поради тематиката, туку и со професионалното и убаво пишување.
Ви го честитам 25.000-от број и ви посакувам да бидете и понатаму актуелни, објективни и уште подобри. Честитки за сите, а најмногу за главниот и одговорен уредник.
Таска Гавровска, преведувачка и поранешна уредничка во МТВ


Моја најскапоцена информативна покривка

Тато беше поштар. Штом ќе се вратеше од работа, пред да ја симне поштенската торба од рамото ќе го извадеше весникот „Нова Македонија“ од неа. Весникот беше голем колку што и јас, во физичка смисла. Таа „Нова Македонија“ стана мојата прва информативна покривка. Оттогаш поминаа многу години и весникот „Нова Македонија“ и јас претрпевме промени во формата. Денес не може да ја покрие во целост мојата физичка големина, па, сепак, останува мојата најсакана, најдрага и најскапоцена информативна покривка.
Трајче Кацаров, писател


Афирматор на македонскиот современ стандарден јазик

Примарното значење на постоењето на „Нова Македонија“ за мене секогаш било поврзано со нејзината улога во развојот и афирмацијата на македонскиот современ стандарден јазик. Во принцип, печатеното новинарство (треба да) го одразува текот на континуитетот во развојот на изразот на еден јазик, но „Нова Македонија“ во целото свое постоење била посветена на афирмацијата и следењето на процесите во македонскиот јазик на едно поинтензивно и повисоко ниво. Преку своите јазични рубрики, почнувајќи од Благоја Корубин, но и други автори, се поттикнуваа теми што се осврнуваа на современите состојби во јазикот, а преку интеракција со читателите се зајакнува и свеста за јазикот кај говорителите. Сметам дека денес, кога новинарството повеќе се практикува во некоја брза (електронска) форма, овие теми за јазикот како да останаа на маргините. Можеби сега е вистинското време во „Нова Македонија“ да се врати јазичната рубрика, која континуирано ќе ги следи процесите во современиот стандарден македонски јазик. Секако, честитки за 25.000-от број, честитки за истрајноста и ви посакувам успешна иднина!
Александра Ѓуркова, научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“


Прозорец кон светот и кон сите граѓани

Прво го честитам јубилејот, навистина една импозантна бројка. Јас лично, од мој аспект, приватно, сум пораснат со „Нова Македонија“ со статиите што се објавувани и сè уште се објавуваат, и притоа не само од областа на економијата, културата, туку од севкупниот општествен живот. „Нова Македонија“ е прозорец кон светот и кон сите граѓани што го почитуваат и го читаат вашиот весник. Сметам дека без „Нова Македонија“ и без квалитетот што го носи со себе, со својата редакција, со своите вработени, ќе ни недостигаше и немаше да бидеме свесни за квалитетот и начинот на кој сме информирани. Посакувам и искрено се надевам на славење на златен јубилеј или на 50-илјадити број, 50 илјади изданија, со кои секогаш ќе информирате, радувате и надградувате и ќе го подобрувате квалитетот на живеењето на вашите читатели.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија


Задолжително четиво секое утро

Која јас играв фудбал весниците, пред сè, „Нова Македонија“, беа задолжително четиво за мене секое утро. Го купував, го читав, најчесто спортските страници, признавам, и морам да ги пофалам новинарите што информираа стручно и објективно, нè афирмираа во време кога немаше толку многу медиуми како денеска. Понекогаш беа и критички настроени кога ќе одиграв послабо, веројатно очекуваа, како и јас самиот, да бидам на повисоко ниво, како еден од главните играчи, многу години бев и капитен. Но немав никакви забелешки на таквото пишување, напротив, никогаш не се замеривме, бев во одлични односи со сите нив. Па и јас бев лут сам на себе кога ќе играв слабо, а кога ќе загубевме натпревар, се случуваше два-три дена да не излезам од дома, ми беше срам!
„Нова Македонија“ е дел од мојот живот, битен дел од мојата фудбалска кариера, го читам и ден-денеска, беше и е врвен весник и јас од сè срце ви го честитам излегувањето на 25.000-от број со желба да испечатите најмалку уште толку броеви.
Кочо Димитровски, фудбалска легенда


„Нова Македонија“ – мојот втор дом

„Нова Македонија“ беше мојот втор дом. Таму работеше мојот татко и јас често по училиште навратував таму. Немаше уредник или новинар што не ме познаваа. Она по што го паметам весникот поради што и ден-денес го купувам, се секогаш проверените и точни информации. Никогаш не се брзаше да се објави нешто брзоплето, туку се внимаваше информацијата да биде точна. Новинарите во весникот носеа квалитет и одговорност, нешто што денеска сè помалку го има.
Лазар М. Дракул, писател


Заедно до уште поголеми јубилеи

Весникот „Нова Македонија“ е мастодонт меѓу печатените регионални џинови, кои успешно се носат со новите времиња и новите технолошки процеси на печатење, библиски процес на пренесување на информациите и комуникација со консументите, прекрасен облик за друшка со утринско кафе и иницијатор за утрински муабет со комшиите и пријателите. Искрени честитки за големиот редок јубилеј, плодна креативна активност и сензуално откривање на потребите на вистинскиот читател, кој се идентификува со вашата и наша гордост, заемна поврзаност и геометриска прогресија на процесот за апсорпција на нови и нови консументи од редовите на младоста. Наедно, искрени честитки и за нас, возрасните што чекореле заедно со плејадата ваши извонредни мајстори на перото, барајќи го секое утро новиот број на величествената „Нова Македонија“. Заедно, до уште поголеми јубилеи!
Љубомир Јовановски-Кара, писател


Чувар на аманетот од минатото

„Нова Македонија“ го претставува гласот на македонската државност, на она што се раѓаше пред 76 години, асоцијација на почетоците на слободната мисла во еден поинаков систем на слободни луѓе што добиле шанса да ги изразат своите размислувања на својот мајчин, македонски јазик. Почетоците на овој весник будеа надежи и за една ерупција и во сферата на литературата, издаваштвото, отворањето нови весници… „Нова Македонија“ некако е симбол на време на верба дека нештата за Македонија и македонскиот народ нема да се вратат наназад и дека сè понатаму ќе биде надградба на слободата и чекорење кон подобро со исправање на грешките. Денес, треба да бидеме реални, дека со новите технологии гледаме сè помалку луѓе со весник или со книга в рака. Она на што „Нова Македонија“ беше симбол, сега како да е под закана. Македонскиот јазик ни е под закана од соседите, поминуваме низ премрежиња во кои Македонците се чувствуваат загрозени во својот идентитет. Предизвикот за „Нова Македонија“ и по 25.000 броја е да се адаптира на новите технологии, но и да го зачува аманетот од нејзините почетоци: да биде на браникот на националниот идентитет, на македонскиот јазик и на вистината. Честитки за 25.000-те броја!
Сашо Тасевски, актер


Растевме заедно со весникот

Го следам весникот одамна. Тој се роди во Горно Врановци, што е блиску до моето родно Папрадиште, па и со тоа имаме некаква блиска врска. Подоцна растевме со весникот, а јас како љубител на шахот ги следев шаховските анализи што се појавуваа на страниците на „Нова Македонија.
Мило ми е што весникот одбележува ваков јубилеи и ви посакувам уште многу јубилеи.
Вело Марковски, инфектолог


Со весникот се дружам откога научив да читам

Со весникот „Нова Македонија“ се дружам откога научив да читам и да се осознавам, а од 1968 година сум постојан соработник до денешни дни. Горд сум што доживеав да го прославам големиот јубилеј, 25.000-от број. Нашиот весник е стожер, носечки темел во создавањето и развојoт на државноста на современа Македонија, во неа е собрана сета наша историја. Со „Нова Македонија“ ме врзуваат многубројни спомени. Весникот ме создаде како новинар и ме афирмира. Секогаш денот ми почнува со вестите, информациите, извештаите, колумните… со новините што ни ги донесува од домашната и светската сцена. Нашата „Нова Македонија“ вечно да ни опстојува, да ги надминува сите премрежиња, да ги следи и да ги применува современите технолошки достигнувања, да ги збогатува содржините со читливи и актуелни четива… Нека ни е честит големиот јубилеј и напред кон златниот број.
Киро Кипроски, новинар и публицист


Ја читам „Нова Македонија“ почнувајќи од спортските страници, па нанапред

Јас сум презадоволен од тоа како „Нова Македонија“ информираше за моите и за настапите на Вардар во периодот кога бевме најдобри во тогашна СФР Југославија, нè следеше и редовно информираше за нашите успеси. Во тие времиња кога бев активен одбојкар, и подоцна, весникот избираше и спортист на годината во Македонија и јас и моите колеги неколкупати бевме прогласувани за најдобри што ми е многу драго. Ја читав и сè уште редовно ја читам „Нова Македонија“, најчесто почнувајќи одзади, од спортските страници, па нанапред, што е разбирливо за човек од спортот.
Честитки за јубилејниот 25.000-ти број и ви посакувам натамошна успешна работа.
Владимир Богоевски, поранешен одбојкар на Вардар,
на Реал и репрезентативец на СФР Југославија,
сега спортски директор на МОК


Голем професионализам во информирањето

„Нова Македонија“ е првиот весник што почнав да го читам најпрво како ученик, а потоа и како студент. Весникот задржа едно јадро, една суштина, не само на информирање, туку со содржини што имаат поголема тежина. Покрај тоа, ја задржа и независноста во информирањето што значи еден голем професионализам.
„Нова Македонија“ никогаш не застана на некоја страна, туку се трудеше во текстовите да ги има сите страни, што всушност е главната одлика на професионалното новинарство.
Честитки за јубилејот.
Илија Ацевски, социолог