Вкупно 67 членки има регистарот на професионални онлајн медиуми, кој денеска на прес-конференција го презентираа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Кон процесот на креирање на регистарот се приклулчи и Стопанската комора на Македонија.

Извршниот директор на Советот на етика во медиумите на Македонија Марина Тунева информира дека процесот на креирање регистар на професионални онлајн медиуми е резултат на поширока дебата за потребата од адресирање на проблемите од работата на онлајн медиумите. Посочи дека ставот на ЗНМ и на СЕММ е дека саморегулацијата е најмоќно решение за поттикнување на професионалноста во медиумите, не само во сегашни околности, туку и на подолг рок.

Креирањето на регистарот се одвивал според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а била консултирана и новинарската, медиумската и бизнис-заедницата во државата.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Младен Чадиковски зборуваше за корисноста од креирањето регистар на професионални онлајн медиуми. Информира дека PROMEDI@ MK не се прави од денеска за утре, не е проект што почнал и завршил, туку, како што рече, е еден бескраен проект што ќе трае.

– Професионалните онлајн портали кои се дел од PROMEDI@ се иднината на веб-новинарството во земјава затоа велам дека нема да престане, а нашата вистинска работа допрва почнува. Покрај десетиците средби што ги имавме со новинарите, уредниците, бизнисмените, процесот на убедување да се сфати што значи ова ќе продолжи се до исполнување на финалната цел – препознавање на професионалните медиуми и насочување на бизнис рекламните кампањи кон нив – рече Чадиковски.

Според него, PROMEDI@ ќе има широка примена, за бизнисмените, граѓаните, публиката, за политичарите. Регистарот, како што рече, не е даден еднаш засекогаш, доколку некој од оваа листа ги прекршува стандардите ќе му се каже збогум.