Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8.000 члена, остро ги осудува заканите и навредите кон Мери Јордановска, уредник во „А1он.мк“ и уредничката во ТВ „Алфа“, Искра Коровешовска, испратени од лицето Емил Јакимовски.

Двете жени новинарки добија заканувачки пораки преку интернет од Јакимовски минатата недела и тоа беше пријавено во полиција. Според пораките објавени од Јордановска, тој се заканил дека „ќе ја искреира на некролог“ ја нарекол „Сороспија“ и користел друг говор за родова дискриминација кон неа. Како што изјави Коровешовска, слични закани и навреди биле испратени и до неа.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, ги осуди овие закани и ги повика надлежните институции да го истражат случајот.

– Комунициравме со Министерството за внатрешни работи и од таму ветија дека ќе ги расчистат овие закани против двете новинарки. Го повикувам Јавното обвинителство да преземе активна улога и бргу да ги истражи овие закани со цел да се спречат слични случаи во иднина. Она што загрижува во двата случаја е дека овие закани содржат елементи на родова дискриминација – рече Чадиковски и додаде дека ваквиот притисок врз жените новинарки е сериозна пречка за слободата на изразување, слободата на медиумите и правото на граѓаните да бидат информирани.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите го поддржува Здружението на новинарите на Македонија во своите напори да ги заштити новинарите и слободата на говорот и ги осудува заканите и навредите кон двете новинарки. Ги повикуваме надлежните институции да реагираат соодветно и јасно да ги осудат заканите кон Јордановска и Коровешовска. Платформата ќе испрати писма за загриженост до сите релевантни органи во Северна Македонија барајќи од нив итно и темелно да ги истражат сите факти за овие два случаја и да почнат да постапуваат соодветно.

Нападите и заканите кон новинарите претставуваат директен напад врз слободата на изразување и правото на граѓаните да бидат информирани, се вели во соопштението.