Министерството за култура денеска реагира во врска со, како што го нарекува, скандалозниот филм „Ругање со Христос”, финансиран од Агенцијата за филм во 2015 година.

Ова е последен пат, велат од Министерството, со парите на граѓаните да се снимаат филмови кои ги навредуваат нивните чувства . „Ругање со Христос” предизвикува контроверзии, тенденциозно си игра со историјата и му наштетува на соживотот.

– Заедно со Агенцијата за филм која е независна институција од Министерството, ги осудуваме решенијата на претходните гарнитури кои финансирале проекти без никаква уметничка вредност кои ги навредуваат чувствата на граѓаните. Ова е последен пат со парите на граѓаните да се снимаат филмови кои ги навредуваат истите тие граѓани. Такви тенденциозни играња со историја, настани кои наштетуваат на соживотот и животот на граѓаните-финансиери на истите дела, веќе нема да најдат поддршка, е ставот на двете институции.

Министерството информира дека се подготвува ново законско решение кое ќе ги спречи, како што наведува, ваквите злоупотреби. Ќе се бара отчет и ќе има контрола врз финансиите, како и врз темите, идеите и пораките што ги праќаат филмовите.

– За жал, последните години сме сведоци на разни финансиски и идеолошки малверзации, а филмот за кој е јасно дека предизвикува контроверзии, е финансиран во 2015 година. Агенцијата за филм веќе почна голем број постапки за проекти финансирани во минатото. Отчет за парите трошени од буџетот на РМ мора да постои, посочува Министерството за култура.