Од Институтот за јавно здравје информираат дека расте активноста на грипот во Македонија, евидентирани се вкупно 5.660 новозаболени лица од сите градови во државата, што претставува 74 процентно зголемување. Лабораториски е докажано присуство на инфлуенца тип А и Б. Најголем број од заболените лица припаѓаат на возрасната категорија од 15 до 64 годишна возраст.

– Сите индикатори укажуваат на зголемена активност на вирусот на грип. За овој период од годината е очекувано да имаме тренд на пораст на заболени од грип и овој тренд ќе продолжи во наредната недела или две, по што очекуваме да се стабилизира и да почне да опаѓа бројот на новозаболени – рече д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Инаку, досега се регистрирани вкупно три смртни случаи од грип, од кои едно 14 годишно девојче и двајца мажи на возраст од 50 и 85 годишна возраст. Тројцата починати биле невакцинирани, биле лекувани со антиретровирусна терапија и имале бројни коморбидитети.

– Комисијата за заразни болести редовно ја следи состојбата со грип во државата и согласно стручните препораки се забранети посетите на хоспитализирани пациенти во јавните здравствени установи, со цел да се спречи натамошно ширење на грипот. Исто така, Комисијата ја следи состојбата со новозаболени деца во училиштата и во зависност од проценките ќе предлага нови мерки и препораки, согласно состојбата на терен – велат од Министерството за здравство.