Сопственикот на згаснатата А1 телевизија, Велија Рамковски, во своето обраќање на панелот „Жртви на режемот“ сведочеше за деновите поминати во затвор, изживувањето од страна на стражарите, претресите во ќелијата. Рамковски кажа дека сѐ уште се плаши од „груевизмот“. За времето кога постоеше телевизијата, тој кажа дека по секое завршување на вестите добивал повик од Груевски, на што реагирала и неговата сопруга.

-Последниот судир меѓу мене и Груевски настана во август 2010. Меѓу првите луѓе кои го видоа „Скопје 2014“ бев јас. Искоментирав дека ова ќе чини пари, а луѓето пари за лекови немаат. Кај новинарите кажувам дека тој е скренат скроз и дека со него нема разговор. До крајот на 2010 бевме уапсени сите – рече Рамковски во воведот.

Присетувајќи се на деновите поминати во затвор, Рамковски рече дека најтешки биле деновите бидејќи не можел да ја види својата ќерка Емел која беше во истиот затвор. Малтретирањето било по наредба од Груевски, сведочеше Рамковски.

-Меѓу затворениците има изрека „Само гробот е полош од затворот“. Првите денови во Шутка мислев дека не можам да дишам. Дваесет и осум месеци бев во Шутка. Да не можеш да излезеш да те дувне ветер. Во Шутка за мене имаше посебно шеталиште, а ме следеа двајца стражари наместо еден, но и преку видео-надзор. Секој ден ми вршеа претреси. Тие не смееше да не ме малтретираат, оти имаа страв од Груевски. Тоа беше битка за опстанок. Таму за да останеш жив и здрав, за да излезеш е страшно тешко. Но главното и најтешкото за мене беа моментите на шеталиштето. Од прозорите ме гледаше мојата ќерка Емeл. Таа ме гледаше 28 месеци, а јас нејзе не можев. Во точно даден термин нејзе ја тргаа, мене ме пуштаа. Другите затвореници си подаваа кеси преку решетки, ние не можевме да се видиме. Кога ќе дојдеше жената, таа седеше цел ден во затворот бидејќи одеше на посета кај мене, братот, Емел. Јас се радував кога ќе одев на судењата, само тогаш можев да ја гушнам ќерка ми – кажа Рамковски.

Груевизмот сè уште е внатре во институциите, рече Рамковски, додавајќи дека тој сè уште има страв од него.