Министерот за здравство Венко Филипче го разреши економскиот директор на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Ваљон Бела кој влезе во отворен судир со медицинската директорка Викторија Јовановска и на социјалната мрежа „Фејсбук“ ја обвини дека клиниката фаворизира фирма за микробиолошки тестови со поставување на специфична спецификација на набавките.

-Директорот е разрешен поради несоодветен настап во јавноста и поради нарушување на меѓучовечки односи- изјави Филипче за „Макфакс“.

Во текот на денот и Јовановска и Бела излегоа со меѓусебни препукувања – таа рече дека причина за постапките на економскиот директор лежат во одбивањето да одобри вработување на две лица во неговиот кабинет и дека тестовите за кои обвинува Бела се набавени со негова согласност и со негов потпис. Таа најави дека ќе поднесе тужба за клевета, а Бела веќе случајот го пријави во обвинителството.

Инаку, директорката на ГАК Викторија Јовановска важи за блиска пријателка на семејството на премиерот Зоран Заев, додека Ваљон Бела е од ДУИ. Тој вчера на „Фејсбук“ напиша дека „Клиниката за гинекологија и акушерство платила пет пати повеќе од стандардната цена за микробиолошки тестови“.

-Наместо да чини 3.000 денари за еден тест за новороденчиња, клиниката за ваков тест плаќа 15.000 денари, а како резултат на тоа, медицинската директорка Викторија Јовановска потпишала договор од 4.252.500 денари за реализација на овие тестови. И за жал тука криминалот не завршува. Тестовите за одгледување на хемокултура како и молекуларните дијагностички реагенси, наместо да бидат понудени од други компании кои даваат резултат за само 30 минути, компанијата со која се договорила Клиниката за гинекологија и акушерство преку медицинска директорка Викторија Јовановска, резултатите не може да ги обезбеди за 30 минути (за разлика од другите компании), но за жал резултатите доцнат 3 дена или 72 часа. Доцнењето на овие резултати кои се навистина важни за новороденчињата (особено тие кои предвреме се родени), може да влијае да самото новородено бебе да почине, чекајќи ги горенаведените резултати- напиша Ваљон Бела.

На ова, Јовановска возврати дека „обвинувањата доаѓаат од комплетно нестручна и некомпетентна особа, бидејќи тој не е медицинско лице туку дипломиран политиколог“.

-Обвинувањата дојдоа по нивно еднонеделно уценување за да го потпишам договорот за вработување на негови советници. Овие набавки за кој тој обвинува беа потпишани и од негова страна, ако биле такви тестовите и ако не биле економски оправдани, не требало да ги потпишува- рече Јовановска и најави дека ќе поднесе кривична пријава за клевета.

Бела, пак, денеска ги поднесе документите до обвинителството и рече дека нема негов потпис на договорите за набавки за кои го обвинува.

-Таа лаже- рече тој, додавајќи дека на (ГАК) открил економски криминал и случаи на непотизам за кои дополнително ќе ја информира јавноста.

Министерот Филипче утринава најави дека ќе ги соочи двајцата директори, а попладневно го разреши Бела.