Mешовита владина група предводена од министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, денеска одржа работни средби со општините Охрид и Струга за спроведување на препораките на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство во Охридскиот регион.

На средбите со градоначалниците Константин Георгиевски и Рамиз Мерко и општинските служби се разгледуваа работните верзии на планот за управување со природното и културното наследство и стратешката оценка на животната средина, два клучни процеса за долгорочна заштита на светското наследство.

За време на средбите се дебатира за критичните зони, режимите на заштита, како и временската рамка за усогласување на планот и негово финално усвојување.

Од страна на надворешните експерти, кои ја изработуваат стратешката оценка на животната средина, беше порачано целите на планот да бидат фокусирани кон контролирана урбанизација, зајакнување на управувачките капацитети на надлежните институции, заштита на природното и културното наследство, подигање на свеста и едукација, како и зголемена еколошка функционалност на крајбрежјето.

На работните средби, покрај општините, присуствуваа претставници од министерствата за култура и животна средина и просторно планирање, Управата за заштита на културното наследство, Заводот и музеј Охрид и Националниот парк Галичица. Во наредниот период експертите од животната средина и културата продолжуваат со изработка на нацрт-план за управување за кој претстои и процес на јавни консултации.