Францускиот научник Рош Домерего - Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВО ИСЧЕКУВАЊЕ НА НАЈАВЕНИТЕ „ОСКАРИ“ ЗА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“

Дури и како загрозен вид, пчелите можат да станат вреден извор на финансии, кои ќе го полнат буџетот на земјата и ќе ги развиваат земјоделството и индустријата, но истовремено тие можат да бидат и наши културни промотори, како во случајот со филмот „Медена земја“, кој викендов се натпреварува за „оскар“, објаснува францускиот научник Рош Домерего

Колку можат пчелите да ја промовираат Македонија во светот и дали овие благородни инсекти, дури и како загрозен вид, освен што станаа „културни амбасадори“, можат да ја придвижат нашата економија, се некои од дилемите што се актуелни во домашната јавност, особено викендот кога треба да се одржи избор за наградите „оскар“ во САД, на кој е номиниран и филмот „Медена земја“.

За сето тоа „Нова Македонија“ разговараше со францускиот научник Рош Домерего, специјалист за апитерапија, научна дисциплина за превенција на болести со производи од пчели, и автор на голем број научни дела за екозначењето, но и за економскиот импакт на пчелите, кој учествуваше во дебатата за климатските промени и нејзините последици врз животот на луѓето и на биодиверзитетот што во рамките на традиционалната манифестација „Ноќта на идеите“ во Скопје ја организира француското министерство за надворешни работи.

Францускиот научник Домерего вели дека планините се наше најголемо богатство, кое државата треба да го заштити затоа што тие им се потребни на пчелите. Тие можат да станат вреден извор на финансии, кои ќе го полнат буџетот на земјата и ќе ги развиваат земјоделството и индустријата, но истовремено тие можат да бидат и наши културни промотори, како во случајот со филмот „Медена земја“.

– Кога се говори за вредноста на пазарот поврзан со пчеларството мора да се истакне примерот на Јапонија. Кај оваа високоразвиена светска економија, на годишно ниво само производството и трговијата со прополис и ништо повеќе, се проценува на вредност од една милијарда американски долари. Поаѓајќи од оваа точка па натаму, ќе се сфати во бројки колку навистина се вредни индустријата и пазарот за производи од пчеларството. Натаму, Франција во моментов увезува мед, а во минатото го извезуваше. Во моментов мојата држава произведува околу 40.000 тони мед, но тоа не ги задоволува потребите, па затоа истовремено се увезуваат околу 30.000 тони. Кога ќе се изврши проста пресметка дека еден тон мед чини околу 4.000 долари, ќе се види големината на цифрата што се врти од оваа гранка на францускиот пазар – објаснува Домерего.

Тој советува дека македонските власти, но и оние што се занимаваат со пчелите треба да се свесни колку овој бизнис е доходен.
– Доколку во земјава се работи на подобрување на актуелниот квалитет на медот, цената за еден тон може да нарасне и до 8.000 американски долари и сето тоа може да се рефлектира на актуелната економска состојба – истакна Домерего.
Францускиот експерт додава дека македонските пчели се уникатни во светот и дека навистина се квалитетни и оти сите во земјава треба да имаат доверба во тукашните планини.

Домерего истакнува дека со големо внимание ги очекува „оскарите“ бидејќи токму македонски филм што ја разработува тематиката со пчелите е во игра да биде награден.
– За жал, сѐ уште не сум го изгледал филмот бидејќи во Франција и во Белгија поради строгите закони на интернет не постои можност филмот да се купи електронски, додека тој не биде премиерно емитуван. Токму затоа со нетрпение очекувам да го гледам. Сепак, успеав во меѓувреме да погледнам трејлер на филмот и кратки промотивни инсерти и навистина се согласувам со содржините на документарецот, особено со реченицата на Атиџе, која задржува половина мед за себе, а половина им остава на пчелите – нагласува тој.

[email protected]