По повод 8 Септември, Денот на независноста, писма со честитки до претседателот Стево Пендаровски испратиле повеќе шефови на држави, меѓу кои и најмоќните светски лидери.

Од Кабинетот на претседателот на државата, во соопштение до јавноста, интегрално ја пренесуваат содржината на писмата.

Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер-Штајнмаер во писмото упатува срдечни честитки по повод 30-годишнината од нашата независност.

„Во последните 30 години Вашата земја се справи со голем број предизвици и притоа постигна многу. Примери за тоа се мирното решавање на конфликтот од 2001 година преку Охридскиот рамковен договор, историскиот Преспански Договор и членството во НАТО во последната година. Северна Македонија се уште не е на целта. Германија и понатаму ќе се залага, што е можно поскоро да започнат пристапните преговори со Европската Унија. Притоа од големо значење се доследното продолжување на реформите во областа на владеењето на правото и доброто владеење, како и негата на добрососедските односи“, пишува во честитката од германскиот претседател.

Претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, честитајќи го Денот на независноста, во честитката изразува воодушевување за патот кој го поминавме по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор пред дваесет години.

„Вашиот успех и успехот на вашата земја за помирувањето, за кое сведочи и Преспанскиот договор, служи како пример во регионот и пошироко. Франција и Европската Унија остануваат на ваша страна за стабилноста и за просперитетот на Северна Македонија и на Западниот Балкан. Ние ги поддржуваме сите иницијативи кои се во таа насока, особено Преспа Форумот за дијалог“, пишува францускиот претседател. Во честитката, претседателот Макрон ја изразува неговата целосна поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. „Франција е решена дека преговорите за членство треба да почнат следните месеци и ќе продолжи да спроведува напори за да се изнајде решение за билатералните спорови. Франција ќе биде внимателна за да преговарачката рамка, која ќе биде усвоена, ја одразува новата методологија за процесот за членство, која јас ја посакував, и ќе продолжи да ги унапредува и да ги поддржува суштинските реформи за европското приближување на Северна Македонија, особено во клучните области како што е владеењето на правото, кои се во сржта на европските вредности“, се вели во честитката од францускиот претседател.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден во име на американскиот народ го честита Денот на независноста на Северна Македонија при што нагласува дека одбележувајќи ја оваа прилика, исто така се одбележува 25-годишнината од дипломатските односи и силното пријателство меѓу двете нации.

„Со гордост ја поздравивме Северна Македонија како 30-ти сојузник на НАТО минатата година, признавајќи дека Вашата земја даде витален придонес за безбедноста и стабилноста на регионот долго пред таа да се приклучи на Алијансата. Како што Вашата земја продолжува да напредува – зголемување на просперитетот за сите Ваши граѓани, подобрување на владеењето на правото, зајакнување на Вашите демократски институции – САД остануваат Ваши силни и непоколебливи поддржувачи. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со Северна Македонија на патот на спроведувањето на реформите што ќе ја обезбедат европската иднина на Вашата земја, вклучително и пристапувањето во Европската Унија“, пишува во честитката од американскиот претседател.

Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Елизабета II ја упатила следната честитка: „Ми претставува посебно задоволство да Ви го честитам државниот празник, Денот на независноста, со најискрени желби и честитки за среќа и просперитет на народот на Република Северна Македонија“.

Кралот на Холандија, Вилем Александер, во писмото упатува честитки и желби за благосостојба на граѓаните на Северна Македонија.

„Додека го одбележуваме овој повод, морам во исто време да го признаам предизвикот без преседан што тековната пандемија на Ковид-19 го претставува за сите нас. Ви посакувам, на вашата Влада и на вашите граѓани сила, храброст и здравје, додека сите ние продолжуваме со напорите за надминување на оваа криза“, стои во честитката од холандскиот крал.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин во честитката посакува добро здравје и успеси, а на сите граѓани благосостојба и просперитет.

„Убеден сум дека развојот на конструктивната соработка помеѓу Русија и Северна Македонија би им одговарал на темелните интереси на нашите народи, би придонесувал за зајакнување на стабилноста и безбедноста на европскиот континент“, се наведува во честитката од рускиот претседател.

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган во име на турскиот народ и во негово лично име најсрдечно го честита Денот на независноста на Република Северна Македонија со желби за благосостојба и просперитет.

„Уверен сум дека нашите пријателски односи, кои својата сила ја добиваат од нашите историски врски и заеднички вредности и цели, ќе се продлабочат и ќе се развијат на секое поле “, пишува во честитката од турскиот претседател.

Претседателот на Република Чешка, Милош Земан, во писмото упатува срдечни честитки и посакува многу успех и траен просперитет по повод Денот на независноста на нашата држава.

„Задоволство ми е да ве уверам дека Чешка ќе продолжи да биде еден од најпосветените поддржувачи за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија“, пишува во честитката од чешкиот претседател.

Претседателката на Република Словачка, Зузана Чапутова, честитајќи го државниот празник, во писмото изразува задоволство дека односите помеѓу Словачка и Република Северна Македонија се долгорочно добри и пријателски.

„Ве уверувам дека Република Словачка и понатаму ќе продолжи во силната поддршка на амбициите на Вашата земја да стане член на Европската Унија и реформските напори во тој правец“, се вели во честитката од словачката претседателка.

Претседателот на Романија, Клаус Јоханис во честитката упатува желби за мир, просперитет и напредок.

„Би сакал да ја искористам оваа прилика да ја повторам активната и постојана поддршка што ја дава Романија на европскиот пат на Република Северна Македонија и ефективно отворање, што е можно поскоро, на преговорите за пристапување во Европската Унија, пишува во честитката од романскиот претседател.

Претседателката на Република Грција, Катерина Сакеларопулу во писмото упатува искрени честитки и желби за напредок и просперитет на Република Северна Македонија.

„Би сакала да ја потврдам доследната поддршка на Грција на европскиот пат на Северна Македонија, во согласност, се разбира, со сите правила и принципи кои го регулираат пристапувањето на секоја нова членка во Европската Унија“, се вели во честитката од грчката претседателка.

Претседателот на Република Бугарија, Румен Радев во писмото упатува најискрени честитки по повод 30-тата годишнина од независноста на Република Северна Македонија.

„Патот напред без секакво сомнение продолжува да бара категорична волја, отвореност, прагматизам, решителност и храброст, насочени кон развојот на билатералната соработка, како влог во подобра и безбедна заедничка европска иднина на граѓаните на Република Бугарија и Република Северна Македонија“, стои во честитката од бугарскиот претседател.

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ во писмото со честитки истакнува дека пријателските билатерални односи во актуелните предизвикувачки времиња покажуваат висок степен на солидарност и веродостојност.

„Уверен сум дека пријателските односи на Република Србија и Република Северна Македонија, втемелени на меѓусебно разбирање, ќе продолжат да се зајакнуваат во периодот кој е пред нас“, пишува во честитката од српскиот претседател.

Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи упатувајќи честитки за Денот на независноста, посакува просперитет, здравје и среќа.

„Република Северна Македонија не е само наш сосед, туку и вистински пријател на нашата млада република. Ние сме посветени за натамошно зајакнување на односите меѓу нашите држави“, се вели во честитката од косовската претседателка.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во телефонски разговор со претседателот Пендаровски упатил најсрдечни честитки по повод Денот на независноста и желби за напредок и просперитет на граѓаните на Северна Македонија.

Претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан, во честитката упатил желби за мирна и просперитетна иднина на граѓаните на Република Северна Македонија.

„Основани на доверба, долгогодишните и добри односи меѓу нашите две земји можат да ни помогнат заедно да се справиме со големите глобални предизвици“, наведува во честитката претседателот на Швајцарската конфедерација.

Претседателот на Ирска, Мајкл Хигинс упатил искрени честитки по повод нашиот национален ден.

„Нека претстојното време донесе мир, благосостојба и среќа за граѓаните во Република Северна Македонија“, стои во писмото од ирскиот претседател.

Претседателот на Република Естонија, Керсти Калјулаид, во честитката изразува надеж дека соработката меѓу двете земји ќе биде дополнително зајакната во областите од заеднички интерес.

„Ние остануваме цврсти поддржувачи на европските аспирации на Северна Македонија“, пишува во честитката од естонскиот претседател.

Генералниот Гувернер на Австралија, Дејвид Хурли во честитката упатува желби за натамошен просперитет и развој.

„Го изразувам моето уверување дека пријателските односи меѓу нашите две држави ќе продолжат да просперираат во годината што следува“, стои во честитката од Генералниот Гувернер на Австралија.

Претседателот на Република Ерменија, Армен Саркисијан во писмото, упатувајќи честитки за Денот на независноста, посакува добро здравје, успех и благосостојба на граѓаните на Северна Македонија.

„Ерменија придава значење на понатамошното унапредување на односите со Северна Македонија, како на билатералните, така и на мултилатералните платформи“, наведува во честитката ерменскиот претседател.

По повод 8 Септември, Денот на независноста, честитки до претседателот Пендаровски испратиле и Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск, Кралот на Шведска, Карл XVI Густаф, Кралот на Саудиска Арабија, Салман Бин Абдулазиз Ал-Сауд, Султанот на Оман, Хајтам Бин Тарик, претседателот на Египет, Абдел Фатах Ал-Сиси и претседателот на Шри Ланка, Готобаја Раџапакса.