Фото: Фејсбук

По трите последователни мандати, Едмонд Темелко повеќе нема да биде градоначалник на Пустец, единствената општина со доминантно македонско население во Албанија, а на функцијата ќе го наследи Пали Колефски, кој го доби потребното мнозинство гласови на неделните локални избори. Новиот градоначалник изјави дека дадената поддршка ќе биде негова обврска кон сите жители на Мала Преспа за нивна посреќна иднина.

– Многу сум благодарен за довербатa што ми ја укажаа жителите на мојата Мала Преспа. Новата функција за мене значи обврска кон сите жители, независно дали го дале или не гласот за мене. Очекувам голема поддршка и од Владата и премиерот Еди Рама, но и од матичната земја Македонија – изјави Колeфски откако беше прогласен за победник.

Тој ветува соработка со Советот на општината без разлика од која партијата ќе бидат новите членови, а сето тоа во интерес на жителите и општината во целина.
Колeфски на локалните избори освои 1.505 или 66,84 отсто од гласовите, односно 646 гласа повеќе од неговиот противкандидат Едмонд Темелко, кој на чело на општината беше три мандати.