Најновата резолуција од Стразбур содржи нова задача упатена до нашата влада

Во заклучоците на извештајот преточени во Резолуцијата 2304 на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), парламентарците од 47-те земји-членки ги повикуваа властите на Македонија да ги преземат неопходните реформи од областа на медиумите во земјава и нивната финансиска одржливост. Имено, во документот на ПССЕ експлицитно се нагласува дека финансиската одржливост на медиумите останува предизвик за државата и се очекува зајакнување на регулаторните тела и зајакнување на независноста на медиумите

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) завчера расправаше за извештајот околу постмониторинг-дијалогот со Македонија во пресрет на одлуката за доделување датум за почеток на преговорите на земјава со Унијата. Во заклучоците на извештајот преточени во Резолуција 2304 на Советот на Европа, мониторинг-комисијата на ПССЕ констатира дека „од последниот извештај за надгледување на дијалогот со Македонија објавен во 2013 година, се случиле важни промени“!
Во резолуцијата усвоена доцна во ноќта врз основа на извештајот на Лиз Кристоферсен од Норвешка и Александар Поције од Полска, ПССЕ ги поздрави преземените чекори, по двегодишниот политички транзициски период на земјава во насока на „нормализирање“ на ситуацијата во државата и почитување на стандардите на Советот на Европа.

Сепак, парламентарците од 47-те земји-членки на Советот на Европа ги повикуваа властите на Македонија да ги преземат неопходните реформи од областа на медиумите во земјава и нивната финансиска одржливост. Како што се наведува во резолуцијата на ПССЕ за Македонија во однос на состојбата во медиумите, Собранието меѓу другото забележува подобрување на работното опкружување и безбедноста на новинарите во последните месеци, особено преку усвојување на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2018 година, но сепак става посебен акцент околу креирање овозможувачка средина за финансиска помош на медиумите.

– Финансиската одржливост на медиумите останува предизвик за државата и се очекува зајакнување на регулаторните тела и зајакнување на независноста на медиумите. Интересите на различните етнички групи треба соодветно да се земат предвид во политиката на медиумите. Собранието на ПССЕ исто така очекува зајакнување на јавното радиодифузна претпријатие, кое сè уште треба да се реформира за да стане квалитетен и независен јавен медиум – се наведува меѓу другото во резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Ставањето акцент на вклученоста на властите и овозможувањето финансиска стабилност на медиумите во резолуцијата, познавачите на состојбите и нашите соговорници добиваат впечаток дека забелешката се издига на ниво на дополнителен услов за земјава за добивање чист датум за почнување на преговарачкиот процес со Унијата за членство. Во домашната експертска јавност ова беше оценето како изненадувачка вест, а соговорниците од областа на медиумите предупредуваат дека ситуацијата не е розова и оти предизвиците во медиумската сфера остануваат.
Мирче Адамчевски, долгогодишен новинар и претседател на комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, вели дека ваквите поместувања забележани во бриселските и стразбуршките извештаи преку резолуции или кои било други акти се важни за интегритетот на медиумската заедница во земјава, но тоа во исто време укажува на некои недоследности и сериозни пропусти, кои и понатаму стојат со сите забелешки на ЕУ.

– Финансирањето на медиумите, особено печатените, што е нотирано во резолуцијата на ПССЕ за Македонија, е задача што отворено е упатена до Владата и понатаму да презема конкретни реформски мерки во медиумската сфера, посебно за печатените во насока на нивното субвенционирање и одржување на пазарот бидејќи тоа е значајно за една државата да има што поголем број медиуми. Имено, таквите забелешки првенствено беа нотирани и во забелешките во извештајот на Прибе, каде што јасно беше посочено дека печатените медиуми, но и преостанатите национални електронски треба да добиваат финансиски надомест од Владата за нивно опстојување. Тоа е така бидејќи тие како во земјава така и во светот се соочуваат со тешкотии од финансиска природа и не можат да опстанат сами на пазарот во налетот на интернет-медиумите. Сепак тоа не треба да се сфати како директно мешање во уредувачката политика на медиумот од страна на Владата, туку како јакнење на медиумската сфера и ништо повеќе – коментира Адамчевски.

Тој нагласува дека медиумската сфера не претставува изолиран систем во една држава, туку слободата на медиумите се гради преку изградбата на стабилни институции, владеењето на правото, транспарентноста на Владата и државните институции, конкурентност, почитување на правилата и дека затоа слободата на медиумите и нивното функционирање претставува јасна слика за состојбата во општеството, за степенот на демократскиот развој, воопшто за степенот на цивилизацискиот развој на една земја.

Адамчевски додава дека Владата треба да продолжи со реформите во медиумската сфера, но исто така и понатаму таа да наоѓа механизми за субвенционирање на медиумите и на новинарството во Македонија.

[email protected]