Тешкотиите со концентрацијата водат кон немир, а училишните постигнувања често се влошуваат. Детето може да биде уморно, поголемиот дел од денот да спие или може да се буди во текот на ноќта. Различни психосоматски симптоми, како главоболка и стомачни, но и други болки, може да бидат знаци на депресија. И промените во апетитот може да укажуваат на депресија. Треба да се обрне внимание и ако детето се чувствува и се доживува себеси како лошо дете и има чувство на вина и неуспешност

Иако во Македонија не се води точна евиденција за бројот на деца во предучилишна и во училишна возраст што имаат депресивни манифестации, психолозите велат дека сѐ почесто се случува да работат со сѐ помлади пациенти во нивните ординации и советувалишта.

Главната причина за појава на депресивно однесување кај децата е стравот од неуспех, а голема улога, меѓу другото, има и самото воспитување.
– Половината од сите ментални болести почнуваат на возраст од 14 години, но повеќето случаи не се откриваат и не се лекуваат. Во однос на оптовареност со болести кај адолесцентите, депресијата е трета водечка причина. Самоубиството е втората водечка причина за смрт кај младите на возраст од 15 до 29 години. Депресивното расположение кај децата што одат на училиште често се манифестира со иритабилност и здодевност – велат психолозите.

Според податоците на Светската здравствена организација, преваленцијата на депресијата кај деца помлади од 13 години е околу три отсто, кај девојчињата од три до осумнаесетгодишна возраст е околу шест отсто, а кај момчињата на истата возраст е пет отсто.

Како што објаснува Ивана Хаџиванова, психолог, психотерапевтка и основачка на „Неокортекс“, центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација, свеста кај родителите за посета на психолог кога ќе забележат промени во однесувањето на нивните деца е во пораст.
– Сѐ почесто кај деца и адолесценти препознавам депресивни реакции и симптоми. Семејно-системскиот пристап е нешто што постојано го применуваме во нашата работа кога се работи за деца. Секако, овде се и индивидуалните психотерапии. Родителите се свесни за проблемот и соработуваат. Тие треба да знаат да ги препознаат симптомите и да реагираат – вели психологот.

Според познавачите, за да се препознаат симптомите, треба да се имаат превид промените и однесувањата на детето. Така, нивните движења може да станат троми или детето може да биде хиперактивно. Како што детето станува сѐ понезаинтересирано и понезадоволно, се намалува и неговиот интерес за игри и хобија или сосема се губи. Исто така, и другарувањата може да завршат.

Тешкотиите со концентрацијата водат кон немир, а училишните постигнувања често се влошуваат. Детето може да биде уморно, поголемиот дел од денот да спие или може да се буди во текот на ноќта. Различни психосоматски симптоми, како енкомпреза, главоболка и стомачни болки, како и други болки, може исто така да бидат знаци на депресија. И промените во апетитот може да укажуваат на депресија. Треба да се обрне внимание и ако детето се чувствува и се доживува себеси како лошо дете и има чувство на вина и неуспешност.
Депресивното дете не покажува интерес, радост и задоволство во секојдневните активности и нешта. Тоа се чувствува отфрлено, мисли дека никој не се грижи за него и тешко прифаќа помош. Депресивното дете често се чувствува несреќно или иритабилно и незадоволно.

Светската здравствена организација објави дека во Европа е во пораст бројот на деца и адолесценти што имаат проблеми со менталното здравје. Според едно од последните истражувања за здравствено однесување кај училишни деца, 30 отсто од 15-годишните девојчиња и 13 отсто од 15-годишните момчиња во европските земји рекле дека се чувствуваат лошо повеќе од еднаш неделно.