Фото: Игор Бансколиев

Да му простиш некому е вистинското дело на љубовта. Да ги избришеш сите навреди, лаги и клевети на другиот кон тебе е духовно херојство. Тоа е растоварување на двете души, и твојата и неговата, од голема тежина. Вака теолозите го толкуваат значењето на празникот Прочка, кој православните верници ќе го одбележуваат в недела. Велат дека тоа е празник со непостојан датум, подвижен празник, кој е поврзан со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. Седмата недела по Прочка е Велигден.

Теологот Ратомир Грозданоски, професор на Богословскиот факултет во Скопје, вели дека дента по Прочка почнува велигденскиот пост. На својата веб-страница детално објаснил и како црквата го поставила овој ден како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.

– Проштевањето е духовно миење. Тоа е очистување на душата, односно очистување на две души одеднаш. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил. Првиот, за да му пријде нему, веќе му простил и му приоѓа со љубов и покајание, а тој се топи од силата и топлината на љубовта и му ги дава сета своја љубов и прошка. Двајцата се духовно радосни и весели. Бог се радува и ги благословува да останат во заемната љубов и радост, правејќи си добро едни на други, со збор, помисла и дело – толкува професорот.

Според него, на Прочка, пред почетокот на велигденскиот пост, се сеќаваме на тоа дека, поради лакомоста и невоздржувањето од храна, Адам го изгуби рајот.
– Поради јадењето на Адам, Христос постел 40 дена. Сегашниов пост е запазување на она што Адам не го запази и повторно стекнување на она што тој го изгуби. Богослужбата ни кажува колку ѝ е потребен постот на човечката природа, како средство за лекување. Без каење и проштевање се губи суштината на личносните односи на луѓето кон луѓето и на луѓето кон Бога. Преку тоа се искажува и се покажува љубовта кон Бога и кон луѓето. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата – нагласува Грозданоски.

Посочува дека Прочка е празник колку на проштевањето толку и на покајанието, а покајанието и проштевањето се почеток на евангелието. Таков, вели Грозданоски, е почеток на христијанското живеење, зашто и првите зборови на Господ Исус Христос биле повик на покајание, проштевање и љубов.