Угостителите, фотостудијата и музичарите одржаа мирен протест во Автокоманда и побараа укинување на забраната за работа на рестораните за свадби и други свечености. Тие се незадоволни од петтиот пакет мерки, во кој, како што велат, се заборавени од страна на Владата.

Угостителите сметаат дека немаат ограничување, туку забрана за вршење на нивната примарна дејност за која ги отвориле објектите и доколку работат треба кривично да одговараат за тоа, а 11 месеци ги плаќаат сите трошоци додека владата им помогнала само за шест. Угостителите побараа да продолжат со работа под најригорозни протоколи.

Угостителите исто така бараат од Владата да се изготви посебен пакет за рестораните за организирање настани, како и за ноќните клубови. Во споредба со земјите од регионот, Македонија е единствена земја која не доби протокол за организирани настани, а еднократниот грант е најниска помош во секторот.

Угостителите тврдат дека не бараат организирање на големи свадби, туку само сакаат да можат да работат под истите услови и протоколи како и останатите ресторани, и ќе продолжат со протестите од понеделник додека не бидат исполнети нивните барања.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, посочи дека во четвртиот сет економски мерки имало директни грантови за угостителите кои организираат свадби, и иако го поддржува правото на демократски начин на протестирање, не се согласува со ултиматумите што беа испратени.