Протестот пред Собранието заврши по експозето на премиерот Зоран Заев на седницата за уставните измени, што беше презакажана за утре во 13 часот.

Учесниците на протестот најавија дека утре напладне повторно ќе се соберат пред собраниската зграда за да испратат пораки против уставните измени. Дел од нив негодуваа на, како што наведоа, бројното присуство на полицијата која ја обебзедуваше собраниската зграда.

Двајца учесници на протестот беа приведени, откако полицијата интервенираше по фрлањето на предмети од страна на собраните граѓани. Министерството за внатрешни работи потврди дека демонстрантите се приведени за нарушување на јавниот ред и мир во тек на протестот.

На протестите пред Парламентот учествуваа членови на граѓанските здруженија „Македонија блокира“, „Христијанско братство“, партијата „Единствена Македонија“, „Твордокорни“, а на кои подоцна им се приклучија и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и партиското членство.

Дел од учесниците во протестот во еден момент се упатија кон резиденцијата на претседателот Ѓорге Иванов за да го повикаат да им се приклучи.

Мицкоски рече дека и тој ќе го користи демократското право мирно и достоинствено да протестира и пркоси за сето она што се случува и ќе се случува денес, но и следните денови во Собранието.

Со ваквиот став, како што оцени владејачката СДСМ, Мицкоски потврдил дека стои зад анти НАТО и анти ЕУ протетсите на кои се повикува на насилство.