Симболиката на подарувањето и на одбележувањето е многу значајна во современиот свет. За жал, на овие простори изгледа сѐ уште им се робува на одредени застарени стереотипи, па и на незнаење кога станува збор за односот кон понежниот пол. Жената во домот се препознава по домашните обврски, па ѝ се подаруваат тенџериња, метли, правосмукалки, кои за овој повод се нудат и по промотивни цени. Од друга страна, суштината и значењето на празникот се сосема поинакви. Ова е ден во кој жената има многу поинакво значење од она што тука кај нас се мисли. Денот се поврзува со силна, самостојна, индивидуална жена и како таква таа заслужува такво внимание, смета социологот Марија Дракуловска Чукалевска

Празникот на жената 8 Март, како и секоја година така и оваа се карактеризира со низа акции и промоции во кои се нудат разни производи што мажите треба да им ги купат на своите партнерки. Некои од најголемите маркети во земјава нудат дури и интересни промоции со кои на одреден начин ѝ се намалува вредноста на жената и се девалвира симболиката на празникот.
Па, така, промотивно се нудат разни кујнски садови што треба да се купат и да се подарат за празникот на жената, се нудат тенџериња, правосмукалки, пегли, миксери и многу други препарати, кои само во нашето општество може да бидат соодветен подарок за жена за празникот што ја одбележува борбата на жената за политичка, економска и социјална рамноправност со мажите.

– Навредливо е само затоа што сум жена да добијам пегла или тенџере за ваков празник. Сега е 21 век, кога и мажите и жените заедно го кројат семејниот буџет, работат во повеќе смени, време е кога и мажите се „домаќини“, односно, средуваат дома, менуваат пелени, чуваат деца, прават ручек и вечера, пазаруваат и слично. Тоа повеќе не е само работа на жената како што беше случај порано. Некој да ми подари пегла за овој празник, дефинитивно би се навредила – вели Даница Стојковска.

Таа истакна дека проблемот е до жените, бидејќи тие очекуваат да добијат некаков подарок за овој празник, кој, пак, никаде во светот не се слави како кај нас.

– Погледнете на денот на празникот. Наместо да излеземе да се бориме за поголеми права за нас, жените дремат во кафеани и прославуваат, чиниш го ослободиле светот. Смешно е навистина. Откако направиле ручек дома, испеглале и средиле сѐ под конец, излегле во кафеана да прославуваат ден за кој многумина од нив не ни знаат што всушност значи – вели таа.

Според социолозите, живееме во такво општество, каде што е таков односот кон жените.

– Жената во домот се препознава по домашните обврски. Затоа ѝ се подаруваат правосмукалки и други кујнски препарати и апарати за домаќинство, бидејќи така се препознава жената. Нејзина работа е грижата за домот и семејството. Не е поентата за овие празници да се подарува. Ова е ден во кој жената има многу поинакво значење од она што тука кај нас се мисли. Денот се поврзува со силна, самостојна, индивидуална жена и како таква таа заслужува такво внимание. Тука кај нас, па и во регионот е поинаку за разлика од современиот свет. Така било кај нас, така и ќе биде – смета социологот Марија Дракуловска Чукалевска.

Според неа, додека ги учиме децата на вакви вредности тие и во иднина на своите сопруги и мајки ќе им подаруваат ваков вид подароци. Тоа се всадени вредности уште од најмала возраст.

– Не е само на овој ден, туку воопшто, односот кон жената е навредлив. Се поаѓа од тоа што е научено и како правеле постарите. Нашето општество не е дојдено до иновирање на културната матрица во позитивна смисла – смета таа.

И психолозите сметаат дека нашето општество е во голем регрес во однос на човековите права и слободи.

– Повеќето жени и мажи што купуваат парфеми, фустани, тенџериња или правосмукалки, не знаат зошто се празнува 8 Март, што се случило тогаш и кој е поводот на празнувањето. Осми март не е ден на мајките или сопругите, туку на жените што се бореле за своите права. Денес во Македонија ниту мажите не си го знаат правата или не можат да ги остварат. Тоа е проблем. Луѓето не си ги знаат правата. Не знаат кој празник зошто се празнува. И не само за 8 Март… и за други празници не знаат зошто се празнуваат и што се случило на денот што го празнуваат. Проблемот е воспитно-образовен – смета психологот Лидија Зорба.