Во Министерството за надворешни работи денеска беше промовиран контакт центарот за итни ситуации, наречен „Глобал СОС“, за сите граѓани на Македонија, преку кој можат директно да се обратат за која било итна ситуација во странство и кој ќе им помогне или ќе ги поврзе со соодветната институција или конзуларен службеник кој ќе може да им ја обезбеди итната конзуларна услуга.

„Глобал СОС“ функционира на телефонскиот број +389 75 273 372 преку директен повик или на Viber, преку [email protected] , преку интернет страницата mfa.gov.mk како и преку социјалните профили на МНР на Фејсбук и Твитер. За многу кусо време ќе бидат достапни и апликациите Ватсап и Месинџер.

Виртуелниот контакт центар работи од 8 – 22 часот секој ден, а на интернет страницата на mfa.gov.mk се објавени дежурни телефони во сите Дипломатско конзуларни претставништва, кои се достапни 24/7. За кусо време и контакт центарот во МНР ќе биде достапен 24 часа.

Граѓаните можат да се обратат за секој случај кој го сметаат за итен, а особено за случаи како смртен случај или несреќа, изгубен или украден пасош, сообраќајна или друга незгода, елементарни и природни непогоди. МНР апелира граѓаните да го користат контакт центарот само за итни случаи.