Во пресрет на утрешната посета на папата Франциск, во Собранието денеска беше промовирана поштенска марка „Прва посета на Папа во Република Северна Македонија“.

-Како што ви е познато, утре кај нас доаѓа во посета Папата, поглаварот на Римо-католичката црква во рамките на неговата Балканска турнеја и оваа промоција е навистина одличен начин за да се забележи овој историски настан. Папата Франциск е познат по својата скромност и широкогледост, повикува на еднаквост, противник е на насилството и е прогресивен во своите ставови и ја поддржува еволуцијата, токму затоа е широко прифатен од младите ширум светот и за нас е огромна чест што утре ќе бидеме домаќини на оваа посета- рече претседателот на Собранието Талат Џафери.

Иако во Република Северна Македонија, додаде тој, католичката заедница е помала во однос на другите верски заедници, сепак неоспорен е нејзиниот ценет придонес во градењето на соживотот во нашата земја, нешто што не е воопшто лесно меѓутоа, како што вели и Папата во неговата видео порака упатена до Северна Македонија, „вреди да се вложи тој напор, бидејќи посебната убавина на нашата земја се должи токму на различните култури, заедници и религии што живеат во неа, бидејќи најубавите мозаици се тие што имаат многу бои“.

-Ние, иако мали по територија и по број на жители, имаме што да понудиме во градењето на еден поубав свет за сите. Исклучителен пример за тоа е нашата Гонџе Бојаџиу, големата светица Мајка Тереза која неуморно се даде себеси и сето свое битие за да ги утеши сиромашните, немоќните, болните- рече Џафери.