Фото: Маја Јаневска-Илиева

Метеоролошките фактори, кои предизвикуваат разни симптоми и реакции кај граѓаните, се најчестите прашања што се поставуваат во летниот период на телефонскиот број на „Ало, докторе“.

Оваа година летниот период е карактеристичен со осцилации во однос на воздушниот притисок, доста променливо време, па симптомите што ваквите чести и нагли промени ги предизвикуваат кај граѓаните се доволна причина за засегнатите да побараат консултации со стручни медицински лица.

– Во зависност од возраста, полот и општата здравствена состојба, тегобите што ги предизвикуваат овие временски осцилации се различни. Кај здрави и млади лица тие се послабо изразени – вели доктор Едис Јукиќ од здравствениот дом „Скопје“.
Јукиќ вели дека најчести тегоби поради кои се јавуваат граѓаните се умор, промени во расположението, намалена концентрација, апатија, нарушувања на сонот, главоболки, ревматски болки, болки во пределот на стари повреди или хируршки интервенции, несвестица, вртоглавица.

– Тука се и срцевите тегоби, како тахикардија, аритмија, градна болка, пад или пораст на крвниот притисок – вели тој.

Докторите од „Ало, докторе“ при промена на метеоролошките фактори исто така им даваат совети на луѓе со камен во бубрег што се пожалиле на почести напади, на граѓани со чир на желудник или на дванаесетпалечно црево што имале почести болки, додека, пак, граѓаните што имаат астма и други респираторни заболувања се жалат на влошување на примарната болест.

Метеоролошките фактори не се единствената причина поради која граѓаните барале совет од докторите во „Ало, докторе“.
Карактеристични за летниот период се каснувања од инсекти и паразити, изгореници од долга изложеност на сонце, топлотни удари, труења со храна, па и овие прашања се едни од почестите на кои тимот доктори даваат медицински совети.

– Ова лето чести се и јавувањата поради каснувања од кучиња скитници, каснувања од инсекти и паразити, изгореници од сонце, тегоби предизвикани од топлотен удар, стомачни тегоби, мачнина, гадење, повраќање и проливи по консумирање одредена храна или неврзано со тоа – нагласува докторот.

Жалејќи се на разна симптоматологија, на телефонскиот број се јавуваат граѓани од целата земја.
Бројката на повици на неделно ниво изнесува околу 1.200 јавувања, а месечно достигнуваат околу пет илјади повици. Во летните месеци бројката на јавувања достигнува и повеќе од десет илјади јавувања