Фото: Архива

Низ историјата, до прогласувањето на нејзината самостојност во 1991 година, географскиот простор на сегашната Република Македонија беше изложен на повеќе промени и додавки на името

По ратификацијата на Протоколот за влез на Република Македонија во НАТО од страна на грчкиот парламент, Грција ги заврши обврските предвидени со спогодбата од Преспа, па во согласност со договореното, од оваа недела стапуваат во сила уставните измени изгласани во македонскиот парламент, а кои треба да излезат во „Службен весник“, со што и официјално започнува примената на новото име на државата, Република Северна Македонија, за внатрешна и за надворешна употреба.
Со тоа заврши долготрајниот и болен период на усогласувања за промена на државното име, при што јавноста беше тестирана на повеќе предлози, со разни придавки и додавки. Исто така, и низ историјата, до прогласувањето на нејзината самостојност во 1991 година, географскиот простор на сегашната Република Македонија беше изложен на повеќе промени и додавки на името.

Во периодот од 1929 до 1941 година, административната територија во рамките на границите на денешна Република Македонија, но и делови на јужна Србија и на Косово, се нарекува Вардарска Бановина и функционира во рамките на тогашното Кралство Југославија.

Во периодот од 1944 до 1946 година државава се именува како Демократска Федерална Македонија, во состав на новопрогласената Демократска Федерална Југославија.

На 8 март 1946 година, со одлука на Президиумот на Народното собрание на Демократска Федерална Македонија, името на државата се менува во Народна Република Македонија.

Ова име се користи до 1963 година, кога повторно доаѓа до промена на името во Социјалистичка Република Македонија (СР Македонија), име што ќе се користи до прогласувањето на независноста од СФРЈ, на 8 септември 1991 година.

Оттогаш се користи името Република Македонија, но поради противењето на Грција, државата во ОН, на 8 април 1993 година, беше примена под името поранешна југословенска Република Македонија и така беше ословувана во меѓународната комуникација и, на некој начин, тоа беше официјалното име за државата во меѓународни рамки.

– Сега се формира нова држава за, која ќе се компонира и нова историја, компонирање што ќе биде во дослух со Грција, преку заедничките комисии што ќе работат на учебниците – вели Тодор Чепреганов, историчар.

Според него, стапува во сила обезличувањето на македонскиот народ.

– Оваа промена идентитетски можеби нема да се одрази врз нашата генерација, која ја памети Република Македонија, но ќе се одрази врз генерациите што доаѓаат. Децата од мали ќе се индоктринираат со Северна Македонија. Во новите учебници ќе ја пишува Северна Македонија. Ним ништо нема да им значи Република Македонија, ќе знаат само за Северна Македонија и така ќе ја чувствуваат својата татковина – додава Чепреганов.

Тој понатаму подвлекува дека сега комисиите ќе ја создаваат новата историја, а сѐ што ќе се споменува ќе мора да биде одобрено од Грција, за да не го толкуваат тие како иредентизам.

– Сега, како ќе ги учиме студентите за нашата историја? Како да спомнеме за зачетоците на револуционерната борба, за формирањето на ВМРО во Солун? Тоа сѐ ќе биде протолкувано од грчка страна како иредентизам – вели Чепреганов и додава дека токму сега ќе се отворат многу прашања, но дека главната цел е обезличување на македонскиот народ.


Како ги добивале државите своите имиња

Едно малку постаро истражување спроведено во Оксфорд, а засновано на 195 независни држави во светот, вели дека државите и нациите ги добивале своите имиња врз основа на четири принципи:
Првиот е местоположбата, а како примери во студијата се наведени Норвешка, што значи „северен пат“, и Австралија, како „јужна земја“. Вториот принцип за именувањето е според називот на племе или народ, па, така, Германија и Германците го носат името на древните Германи. Франција го добила името по старогерманското племе Франки, кои биле основачи на Франкското Кралство на таа територија. Сличен е и случајот со Русите, кои иако се словенски народ, го носат името на старогерманското нордиско племе Рус. Виетнам е именуван според народот Виет на југот од земјата, а Италија според древното племе Италци. Многу често е користен и принцип на именувањето според одликите на територијата и на населението, при што Алжир го добил своето име според главниот град, а самото тоа, пак, во превод значи „остров“. Костарика значи „богат брег“, а Барбадос „брадестиот“, т.е. оваа земја го добила името по дрвото бањан, кое личи на брадеста смоква. Босна го добила името по реката Босна. Швајцарија го добила името според областа Швиц во средишниот дел на земјата. Четвртиот принцип на именување е според позната личност, а најпознат пример е Америка. Таа го добила името според Америго Веспучи, италијанскиот морепловец што прв го дефинирал копното како нов континент, за разлика од Португалецот Кристифор Колумбо, кој мислел дека тоа е дел од Азија, поточно Индија. Филипините го добиле името по кралот Филип Втори, Кина според древната династија Ќин, додека, пак, Израел својот назив го добил по еврејскиот изговор на името на Јаков – таткото на еврејскиот народ. Македонија е старо, древно име и никој досега точно не утврдил како настанало тоа. Холандскиот лингвист Роберт Бекс смета дека самиот збор има претхеленско потекло. Најпопуларна е теоријата дека на древните јазици називот Македонија значел „висока земја“ или „високи луѓе“. Некои истражувачи, пак, велат дека тој може да се толкува и како „мајката земја“ или, пак, дека потекнува од името на митскиот бог Македон.