Собранието на Република Македонија денеска во 11:00 часот ќе ја продолжи 64. седница со расправа по XXXV нацрт-амандман, а по неговото изгласување ќе започне и дебата за XXXVI нацрт-амандман и последниот предвиден со уставните измени, согласно Договорот од Преспа.

Синоќа пратениците со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 воздржани го усвои нацрт-амандманот XXXIV на Уставот на Репубпика Македонија, а претпладнето пратениците го усвоија и XXXIII нацрт-амандман, со кој се предвидува менување на името Република Македонија со Република Северна Македонија.

Пратениците од власта и од опозицијата не отстапуваат од своите позиции за и против промена на Уставот согласно Договорот од Преспа. Воздржано гласаа осумтемина пратеници од опозицијата кои го поддржаа отворањето на Уставот, условувајќи со процесот на простување и помирување.

Во XXXV нацрт-амандман ќе стои „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот и последен се однесува на иселениците и во него Републиката да ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

По оваа изгласувањето на нацрт – амандманите и завршувањето на оваа фаза, Владата како предлагач на измените треба да организира јавна расправа, по што ќе следува третата и последна фаза од уставните измени, кои се прават во согласност со Договорот од Преспа.