Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во огласот за субвенционирање објавен од страна на Министерството за економија се посочува дека субвенции за плински уреди ќе им се доделуваат на сопствениците на возила произведени од 2005 година наваму, што значи не постари од 15 години, додека просечната старост на возилата во земјава е 18 години, а токму тие се и еден од најголемите загадувачи

Старите автомобили се меѓу главните загадувачи на воздухот во земјава, така што владината мерка за субвенционирање на вградувањето плински уреди во возилата несомнено е добар потег, иако, според упатените, недостига соодветна методологија за оваа мерка да ги постигне вистинските резултати.

Имено, во огласот за субвенционирање објавен од страна на Министерството за економија се посочува дека субвенции за вградување плински уреди ќе им се доделуваат на сопствениците на возила произведени од 2005 година наваму, што значи не постари од 15 години, додека просечната старост на возилата во земјава е 18 години. Токму постарите возила важат за поголеми загадувачи, бидејќи станува збор за автомобили со дотраени мотори кај кои издувните гасови содржат многу поголемо количество штетни честички.

Дополнителен проблем е што во станиците за технички преглед ретко се случува некое возило да биде вратено поради издувните гасови, со што на некој начин се придонесува за зголемувањето на бројот на возила што учествуваат во загадувањето на воздухот. Од тие причини, досегашната практика на доделувањето субвенции врз основа на принципот „прв дојден, прв услужен“, во овој случај, како што оценуваат познавачите на проблематиката, можеби би требало да биде променета и субвенции најпрво да им се понудат на сопствениците на возилата што најмногу загадуваат, а сè уште активно учествуваат во сообраќајот.

– Имам „хјундаи акцент“ од 1995 година. Возилото своевремено го купив од салон и досега не сум имал поголем проблем. Сакам да вградам плински уред, но за моето возило тоа чини 550 евра. Тие пари ги немам, а поради староста на возилото не можам да добијам ниту субвенции. Мислам дека би било подобро субвенциите да се доделуваат според староста на возилото, постарите најпрво да ги добијат, па потоа поновите – вели Димитар Тасевски од Скопје.
Тој додава дека го одржува возилото, но дека староста си го прави своето и моторот по изминати 200 илјади километри нормално е да испушта зголемено количество штети гасови во воздухот.

– И јас сакам ново возило, но не можам да си дозволам. Сметам дека со вградувањето плински уред ќе заштедам пари за гориво во семејниот буџет, а покрај тоа, ќе придонесам и за намалено загадување – нагласува Тасевски.
Во огласот објавен од Министерството за економија се наведува дека субвенции ќе им се доделуваат на сопствениците на возила што не се постари од 2005 година, а предвидени се вкупно 250 илјади евра од буџетот, односно субвенционирани плински уреди би добиле околу 850 апликанти годишно.
– Би сакал на граѓаните уште еднаш да им објасниме дека треба навремено да аплицираат во Министерството за економија за да бидат меѓу првите за добивање вакви мерки. Ние нема да застанеме тука, и наредната година секако дека ќе продолжиме со овие мерки, бидејќи сакаме да реализираме мерки што имаат голем интерес кај граѓаните – рече министерот за економија Крешник Бектеши промовирајќи ја мерката.

Од станиците за технички преглед велат дека со новите правилници наскоро попрецизно ќе се утврдува точно кое возило колку загадува.
– Сега уште мериме според стар правилник, но очекуваме наскоро од МВР да добиеме нов правилник со кој се предвидува да се мери според евростандардот на возилото, па во комбинација со соодветна формула ќе ги добиваме вредностите на издувните гасови, по што ќе се знае поточно дали возилото може да учествува во сообраќајот и каква еколошка налепница ќе добие – вели контролор од една скопска станица за технички преглед.

Секоја мерка што е во насока на намалување на загадувањето на воздухот е добредојдена, но таа ќе ги даде вистинските резултати само доколку допре до главните извори на загадувањето. Во овој случај тоа се постарите и дотраени возила.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ќе се субвенционира и замената на старо за ново возило

На прашањето на „Нова Македонија“ до Министерството за економија зошто не е предвидено субвенционирање за вградување плински уреди и во возилата не постари од 2005 година, оттаму одговорија со најава дека од почетокот на следната година ќе започнат со нова програма за субвенционирање со која ќе бидат опфатени и постарите возила.
– Во одредбите на Законот за возила постои уште една програма за субвенционирање на дел од трошоците за купување ново возило со одјавување на старото возило во согласност со членот 5-в („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019), каде што начинот за субвенционирање и постапката за надомест на дел од трошоците за купување ново возило е предвидено да започне во почетокот на 2020 година и наскоро Владата на Република Северна Македонија ќе одлучи за начинот за субвенционирање. Еден од условите ќе биде старите возила со ЕУРО 0 да бидат постари од 18 години (18 години, 25 години или 30 години ќе зависи од заклучок на Владата на Република Северна Македонија) и истите тие да се предадат во специјализиран отпад за возила – се вели во одговорот од Министерството за економија.